Градоначалникот на Кавадарци обвинува за политичка хајка против него
Објавено: 22 август, 2017, во 11:17 часот
Градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов се жали дека против него актуелната власт спроведува политичка хајка. Смета дека никогаш не било полошо од сега.
„ Не поради тоа што јас сум во прашање. Прво беа обидите преку ‘бомбите’ во негативно светло да се прикаже мојата личност. Тука е и секојдневно гребење на автомобилот и одвртување на штрафовите на гумите, иако автомобилот не е само мој туку во него се вози целата моја фамилија. Тука се и кривичните пријави кон мене и мојата сопруга. Еден масовен атак. Создаваат една слика како да сме душмани, а не само политички противници “, вели Панов и нагласува дека сегашната борба била средновековна.
Градоначалникот Панов се осврна и на пресудата на кавадаречкиот суд, со која е осуден на два месеца затвор поради изборен поткуп. Рече дека ако судијата Лазар Нанев во следниот период бил награден со повисока позиција, ќе значело дека пресудата била за тоа, а доколку не добиел награда, пресудата била донесена како што треба.
На своите политички противници Панов им порача да излезат пред граѓаните со своја визија за Кавадарци и нови проекти, и да престанат со црната кампања против него. Доказ дека мислат добро на граѓаните, според него е изградба на нов мост во Ваташа, кој иако бил проект на претходната власт, сега тие треба да направат се’, за да се реализира./A.Д


