Каков е распоредот на политичките сили за освојување на градоначалничките позиции ?
Најголема битка партиите ќе ја бијат за Скопје, Тетово, Куманово. Од „тешка категорија“ ќе биде битката за Скопје. Резултатите од последните избори велат дека во главниот град, СДСМ на последните избори освои речиси 129 000 гласа, а ВМРО-ДПМНЕ околу 10 000 помалку или 119 000.
СДСМ има повеќе гласови од ВМРО-ДПМНЕ во Скопје и ако се исклучат општините со доминантно албанско население, Чаир и Сарај. Но, во исто време БЕСА, ДУИ, Алијансата за Албанците и ДПА вкупно добија над 46 000 гласови во главниот град. Тоа значи дека крајниот исход во многу ќе зависи од одлуката на Албанците, како ќе постапат во извесниот втор круг. Дали ќе го дадат гласот за СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ или пак, ќе апстинираат од гласање.
Крајно е неизвесна битката во Тетово. На парламентарните избори најмногу гласовиосвои ДУИ, 10 800, а втора беше БЕСА со 8 500. Ако расположението е непроменето речиси е сигурен вториот круг и безброј комбинации.
Причината е што трета партија во Тетово е ВМРО-ДПМНЕ со 8 050 гласа, а веднаш зад нив се ДПА и СДСМ со по околу 7 300 гласа. Не се за занемарување и 3 600-те гласа кои ги доби Алијансата за Албанците. Доколку во втор круг одат кандидатите на ДУИ и на БЕСА, клучот за победникот ќе биде во поддршката од гласачите на 4-те други политички партии, ВМРО-ДПМНЕ, ДПА, СДСМ и Алијансата за Албанците.
Можеби третата најинтересна битка ќе биде во Куманово. На крајот на декември кумановчани гласаа речиси поделено, со мала предноста за СДСМ пред ВМРО-ДПМНЕ. Партијата која ја води Заев доби 22 200 гласови, а ВМРО-ДПМНЕ 20 700, односно околу 1500 помалку. Партиите на Албанците во Куманово добија вкупно 11 300 гласа, што значи дека во вториот круг токму тие гласови веројатно ќе бидат одлучувачки фактор кој ќе биде градоначалник.
Сепак, бројките од парламентарните избори не можат да послужат за да е предвиди и конечниот исход. Важен фактор за расположението на гласачите останува личноста на кандидатот за градоначалник и неговата програма.
Извор: АлсатМ