Народен Музеј ќе има и во Општина Чашка
Во фаза на реализација дамнешната желба на граѓаните и општината за отворање на локална јавна културна институција Народен Музеј на Чашка. Во оваа иницијатива е нова само идеата за седиштето на музејот . Од повеќето предложени локации за локалната власт, најдобра е Меморијалниот комплекс на спомен куќи од НОБ. Конкретно за седиште на локалната културна институција е побарана етна куќа од Меморијалниот комплекс.
-Да соопштам дека Општина Чашка, исто така, започна постапка за отварање на јавна институција Музеј. Најверојатно седиштето на оваа културна институција ќе биде во Горно Врановци, во Меморијалниот комплекс на спомен куќи од НОБ, постапката треба да заврши до крајот на годината со отварањето на седиштето на народниот Музеј во една од спомен куќите во Меморијалниот комплекс. Очекувам културната институција да раководи и да се грижи за сите историски спомен обележја во азот или поточно на територијата на Општина Чашка, рече градоначалникот Горан Стојановски.
Во работењето музејот се очекува да ги координира и отвори за што поголем број на посетители сите спомен обележја на територијата на Општина Чашка. Освен оваа иницијатива на која што подолг временски период работи Општина Чашка, според Стојановски, се и реконструкциите на двата монументални спомен обележја како што се спомен куќите на Коле Неделковски и на Петар Поп Арсов.
Со финансиска поддршка во висина од 600 илјади денари, што Министерството за одбрана и ја додели на Општина Чашка, ќе се реновира Спомен куќата на Коле Неделковски во село Војница. За оваа намена веќе е изработен проект со документација што наредната недела општината ќе го достави на Министерството за одбрана. Ќе следи тендерска постапка, што ќе ја води ова министерство и ќе овозможи, во веќе утврден рок, да започне реновирањето на значајното спомен обележје на територијата на општината.
Во исто време, општината доби и финансиски средства од Министерството за култура за реновирање на спомен куќата на Петар Поп Арсов во село Богомила. Станува збор за 700 илјади денари за што во завршна фаза е доработката на проектот. Документацијата до крајот на овој или почетокот на месец јули ќе биде поднесена со што ќе може да започне тендерската постапка од страна на ова министерство.
Познато е дека Спомен куќата на македонскиот поет и револуционер Коле Неделковски, создадена од училиштето во коешто своевремено се школувал поетот откако неговата родна куќа сама од себе се урнала, е реконструирана пред повеќе децении. Додека, Спомен куќата на Петар Поп Арсов, во село Богомила, е роден дом на македонскиот револуционер и еден од основачите на Македонската револуционерна организација што во 1986 година беше прогласена за културно наследство на Македонија. Тогаш беше конзервирана и во истата има поставено музејска постановка.
Убавка Јаневска