Заев: Владата континуирано ги подобрува условите за достоинствено живеење на пензионерите
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, денеска ја отвори 11-тата Републичка пензионерска ревија на песни, музика и игри во организација на Сојузот на здруженија на пензионери на Северна Македонија. Во своето обраќање тој ги поздрави пензионерите истакнувајќи ја нивната важна улога како градители на нашето општество.
-Ситуацијата со пандемијата оваа година дозволи во поопуштена атмосфера да ја организирате и одржите оваа ваша централна традиционална манифестација и дружба, откако претходно беа реализирани 8-те регионални ревии. Знам дека оваа пензионерска ревија на песни, музика и игри, во организација на вашиот Сојузот на здруженија на пензионери, ви значи многу, и токму затоа јас и оваа година прифатив да бидам под покровител и во мое име, и во име на Владата на Република Северна Македонија да ви честитам на успешните подготовки и да ви посакам успех во одржувањето на ревијата.Нека ви протече во ведра и весела атмосфера затоа што вие сите го заслужувате тоа, изјави Заев.