Сто и дваесет граѓани денеска, веќе пријавени 60 за утре на пунктовите во Здравен дом како и теренска вакцинација во Лозово и во Чашка
Граѓаните на средна возраст и во поодминати години се вакцинираа или ревакцинираа со двата вида на вакцини, „АстраЗенека“ и „Синовак“. Вакцинацијата и ревакцинацијата во јавната здравствена установа тече на два пункта. Како и претходно така и денеска нема граѓани што покажале реакција предизвикана од вакцина.
Со вакцинација во населба Лозово, во општината како и на населените места Бањица, Отиштино, Раковец, Бусилци и Еловец во Општина Чашка ,од денеска започна теренската вакцинација и во оваа соседна општина. Инаку, од почетокот на вакцинацијата до денеска екипи на Одделот за имунизација на Здравен дом Велес вршеа вакцинирање со посета во домовите на повозрасните и граѓаните кои што се хронично болни во градот. Два пати во работниот дел на неделата излегуваа теренските медицински екипи откако имаа по најмалку пет граѓани за вакцинација или ревакцинација. Нив ги најавуваа членови од семејствата или блиски роднини кои не можеа да ги донесат на вакциналните пунктови во јавната здравствена установа.
-Денеска 120 вакцинации и ревакцинации а веќе утре дефинирани се наредните 60. Во просек осум до 10 граѓани се вакцинираат, со прва или втора доза, за еден час на двата пункта во Здравен дом. Од денеска, секојдневно, екипа на нашата служба извршува и домашна теренска имунизација во останатите населени места на Општина Велес или соседните Лозово, Чашка и Градско. Распоредот е направен до крајот на месецот. Се знае кој ден во кое населено место ќе вакцинираме, рече д-р Пандели Божиков.
Тој исто така соопшти дека на двата вакцинални пункта во Здравен дом Велес вакцина можат да примат и граѓаните кои до денеска немаат добиено термин на vakcinacija.mk.
Според анализата на Одделот за имунизација, досега, најголем број од вакцинираните со две дози се повозрасни граѓани. Освен нив вакцинирани и ревакцинирани се и голем број на сограѓани од средната генерација. Засега помал е одзивот на помладите велешани. Денеска на вакцина од страна на родител, како придружба, не беше донесено ниту едно дете од Велес на возраст од 12 до 16 години.
Убавка Јаневска