Уметнички дела од ликовната колонија „Неготино“ изложени во Ликовен салон во Велес
Над триесетина уметнички дела од Ликовната колонија Неготино 2020 се изложени во Ликовниот салон во Велес. Ликовната колонија Неготино 2020 е во организација на Музејот на град Неготино. Во ограничени услови поради Ковид 19, на колонијата учествувале уметници од Неготино и Кавадарци. Тие своите уметнички дела ги изработиле во домашни услови.
-Целта на колонијата е да го поттикне уметничкото производство и да создаде нови уметнички дела и да поврзе сликари од целиот балкански регион. Збогатувањето на културната понуда, промоција на современото сликарство, како и зголемувањето на уметничката колекција на Музеј на град Неготино се важни задачи на колонијата, истакна директорката на Музеј на град Неготино, Драгица Чекоровска.
На уметничките дела на Ликовната колонија има мотиви кои ги одразуваат спецификите на локалниот идентитет. Велешани можат да ги погледнат во наредните две недели. Изложбата е дел од културната манифестација „Велешко лето 2021“ во организација на Општина Велес.