Во велешки театар гостува претставата „ Разговор во четири очи“ на Скопје Филм Студио и МНТ
На Малата сцена на Театар „Јордан Х.К-Џинот“ Велес во вторник вечер на 8 мај гостува претставата „Разговор во четири очи“ од Ингмар Бергман, во режија на Нина Николиќ, копродукција на Скопје Филм Студио и Македонскиот Народен Театар.
Претставата е работена според романот на Ингмар Бергман. Главниот лик Ана Бергман се среќава со личностите кои го дефинирале и обликувале нејзиниот животен пат (свештеникот Јакоб, сопругот Хенрик, мајката Карин и љубовникот Тумас). Тие средби истовремено се нејзино потсетување на храброста, дрскоста и слободата кои со времето ги имала изгубено.
„Разговор во четири очи“ го истражува прашањето за способноста и силата на поединецот да преземе контрола над сопствениот живот и да ги признае направените грешки. Оваа приказна е горко сознание за изгубеното време, пропуштените прилики, свесното жртвување и соочување со она што сме биле некогаш, што сме можеле да бидеме и она што сме.
Адаптацијата на претставата е на Тамара Барачков, костимографијата на Ивана Каранфиловска-Угуровска, а сценографијата на Сања Аврамоска. Актерската екипа ја сочинуваат Амернис Нокшиќи – Јовановска, Нина Деан, Петре Арсовски, Оливер Митковски/Благој Веселинов, Дарја Ризова, Катина Иванова и Дамјан Цветановски.
Почетокот на претставата е во 20 часот. Билетите се пуштени во продажба на билетарницата на театарот./У.Ј