Наредната недела ЈПДП и ЈП „Македонија пат“ ветија санација на одронот на коловозот кај свиокот на регионалниот пат Велес – населба „Речани“ (ФОТО и АУДИО)

Објавено на 22 октомври, 2021 во 15:56

Околу шест месеци се одронува дел од регионалниот пат Велес – населба Речани, на свиокот кај железничка пруга Велес – Штип и исто толку време им создава проблеми на возачите. Таму се вози со особена внимателност затоа што оштетувањето на патот е на самиот свиок. Од крајот на минатиот месец, на критични  дваесеттина метри од патот, поставена е и сигнализација со столбчиња како и знак што предупредува дека на патот се работи. Но, спротивно од поставената сообраќајна сигнализација на локацијата барем засега не се изведуваат градежни работи.

По овој дел од регионалниот пат, на посочената локација, не можат да се разминат два автомобили. Возачите од едната страна чекаат додека од другата страна минат автомобили, автобуси и камиони во спротивна насока. Тоа е така затоашто состојбата на патот е многу лоша. Поточно критична за сообраќај е цела едната коловозна лента на која има видливи пукнатини на асфалтот. Постои и парче од патот само што не се одронило во бездната покрај него.

Дума.мк побара став од надлежното државно претпријатие за патишта за причините  зошто патот чека на поправка веќе шест месеци. Од таму на новинарските прашања одговорија дека биле во координација со ЈП „Македонија пат“ за да се реши проблемот.

„ Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) има потпишано Договор за одржување и заштита на државните патишта со Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта (ЈП Македонијапат). Надзорот на одржувањето на државните патишта има дадено инструкции до ЈП Македонија пат за санација на пропустот на км46+663 на регионалниот пат Р1102, поточно предметната локација. По известување од Надзорот, согласно со своите надлежности, ЈПДП има доставено ургенција до ЈП Македонија пат за постапување по истото,“ пишува во писмениот одговор на Јавното претпријатие за државни патишта.

Директорот на ЈП„Македонија пат“, Беким Мемеди, потврди дека во изминатиов период работеле на решавање на проблемот за санирање на одронот на овој дел од патот Велес – населба „Речани“.

-Двете јавни државни претпријатија, стапивме во контакт со надзорните инжинери на „ГЕИНГ“ и тие излегоа на терен. Заедно констатиравме дека патот треба да се санира со изведување на градежни, бетонски, работи. Наредната недела, екипи на ЈП „Македонија пат“ и на ЈПДП ќе излезат на терен за изведување на работите. Се надеваме дека до наредниот петок дека патот ќе биде саниран и вратен во првобитна состојба, додаде Мемеди.

Според директорот на државното претпријатие за одржување и заштита на регионални и магистрални патишта на овој дел од патот прво била потребна интервенција со арматурно железо и бетон. Така процениле од фирмата „Геинг“ и од надзорот. Доколку времето биде врнежливо доцнењето на градежните работи нема да биде подолго од ден до два, тврди Мемеди.

Тој потврдно одговори и на новинарското прашање за неопходната интервенција на атмосферската канализација која ја собира водата од регионалниот пат на влезот во Велес – исток до кружен тек, пред бензиската пумпа. Таму екипа на Дума.мк беше сведок на глетка при последното невреме пропратено со обилен дожд и електрични празнења, дека водата во неконтолирани големи количини се прелеваше од горниот на долниот пат.

-Има позиција и за отнување на пропусти. Доколку станува збор за проблем создаден од затнување на одводен пропуст ќе издадеме налог на велешката подружница на “Македонија пат“ веднаш да излезат на терен и да интервенираат. Доколку се работи за друг вид на проблем тогаш надзорните инжинери ќе излезат на терен, ќе подготват финансиска пресметка за да се реши и тој проблем, додаде Мемеди.

Инаку, регионалниот пат Велес – населба „Речани“ којшто се одронува е многу прометна сообраќајница во градот. Тој мине низ урбанизирана населба и продолжува низ индустриска зона. По него секојдневно се одвива интензивен сообраќај како од автомобили така и од автобуси, од комбиња и од камиони.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.