По 180 велешани,дневно, се вакцинираат од сезонски грип
Голем е интересот, годинава, за имунизација од страна на граѓаните од сезонски грип во градот. Здравствените работници на Центар за јавно здравје Велес дневно аплицираат по 180 вакцини. Тоа се вакцини од количината што Министерство за здравство ја обезбеди за граѓаните и таа не се плаќа.
-Дневно вакцинираме по 180 граѓани кои преку сајтот vakcinacija.mk аплицирале за имунизација или ги пријавиле нивните матични лекари. Сите доаѓаат на закажан термин, наутро од 8 до попладне до 14 часот. ЈЗУ Центар за јавно здравје Велес добива по 350 дози на вакцини на секои два дена. Доставата на вакцините е редовна и не се создава метеж. Интересот на граѓаните е голем, рече директорката д-р Весна Николовска Неделкова.
Центар за јавно здравје Велес, како регионален во Вардарски регион, обезбеди и 1.000 комерцијални вакцини за потребите на граѓаните за имунизација од сезонски грип. Од комерцијалната количина 350 дози се наменети за велешани додека останатите се за граѓаните во Свети Николе, Кавадарци , Неготино и Гевгелија. Таму ќе се вакцинираат и граѓани од околните рурални општини. Една доза на комерцијална вакцина чини 800 денари.
Убавка Јаневска