Ексклузивна и досега необјавена фотографија за почетокот на Рациновите средби
Оваа година се совпаднаа три јубилеи, 110 годишнината од раѓањето, 75 години од смртта и 55 години од почетокот на Рациновите Средби, посветени на великанот, поет и револуционер Коста Солев Рацин. На оваа манифестација Велес секогаш бил горд. Годинава, чествувањето на Рацин го доби потребниот квалитет кое поетот го заслужува и како револуционер и како наш сограѓанин, велешанец. Пред почетокот на годинешната културна манифестација ми се јави мојата соученичка Лидија Демниева, претседател на Македонското Здружение „Кочо Рацин“ од Белград и изрази желба да биде присутна на манифестацијата. Организаторот ја покани. Демниева дојде во родниот Велес и со себе донесе една фотографија која во себе ја носи приказната за тоа како започна организацијата на „Рацинови Средби“.
Имено, на 13 јуни 1963 година, во Велес, во киното 11ти Октомври“ се одржало одбележување на 20 годишнината од смртта на Коста Солев Рацин. На не а се фотографирани, од лево кон десно, Видое Смилевски – Бато, Методи Демниевски – тогашен претседател на Социјалистичкиот сојуз на Велес, Лазар Колишевски, Марија Солева мајката на Коста Рацин, Вељко Влаховиќ, револуционер, познаник на Рацин, Страхил Гигов и Драган Николовски – Ганди. Во салата на киното биле присутни и Блаже Конески, Ѓорѓи Русковски, Тихо Најдов, како и други поети и тогашни општествени работници.
На втората страна на фотографијата е напишан текстот што го читате
По завршувањето на одбележувањето токму Методиј Демниевски предложил организирање на средби посветени на поетот но многу по масовни да се одржуваат секоја година во Велес. Него го поддржал гостинот Вељко Влаховиќ и сугерирал поетската манифестација да добие југословенски карактер со присуство на поети од сите тогашни југословенски републики. Тихо Најдовски , како поет и истакнат работник, бил предложен да направи концепт за ворганизирање на средбите кој го добиле името „Рацинови средби“.
По средбата со Лидија Демниева жалам што ја немавме оваа фотографија и приказната што таа со себе ја носи кога во 2013 година ја реализиравме изложбата „50 години Рацинови Средби“. Сепак се радувам што годинава, исто така јубилејна на манифестацијата, откриваме нови приказни, нови вредности и луѓе кои несомнено дале придонес за ова манифестација.
Инаку, Лидија Демниева донесе многу фотографии и приказни од семејната архива што имам намера да ги средам, проучам, доистражам и од нив да ги симнам и забележам сите приказни. На дел од нив е и нејзиниот татко, Методиј Демниевски јас сега ќе напишам велешанец кој е подзаборавен во Велес и покрај неговите заслуги за развојот и индустријализацијата на градот.
Лидија Демниева во спомен куќата на Кочо Солев Рацин
Сега, ден откако се спушти завесата на јубилејните 55 Рацинови Средби се спушти и полека ги средуваат впечатоците тие што беа дел од неа секако дека првата констатација гласи: Oдлично чувство, за тоа што средбите се издигнаа на заслужено ниво!! На манифестацијата се положија цвеќиња пред рациновите спомениците и му се оддаде заслужената почит на поетот, едни ја говореа а други ја слушаа убавината на рациновата поезија, граѓаните добија поштенска марка со ликот на Кочо Рацин, присуствуваа на велелепна изложба на портрети на Рацин од академскиот сликар Ангел Петров што тој ги подари на општина Велес и на промоција на книгата „Влогот на Конески во Рацин“ од проф. д-р Вера Стојчевска Антиќ како и на Поетски митинг, на доделување на годинешните награди на лауреатите но и на два незаборавни концерта во нашиот театар.
И некако незабележително помина малата брошура под наслов „Кочо Рацин – живот и дело“ издадена од Народниот музеј на Велес и Клубот на писатели „Кочо Рацин“`, која ни ја врати вербата во заветот дека ќе го чуваме ликот и делото на Рацин, засекогаш.
Не е ова туку така напишано. И најмладите во Велес пишуваат по некој стих или строфа за Рацин. Ова го прочитав на едно место:
„Сакам да го сретнам Рацин на сокак,
да му стегнам десница рака,
за да знае дека има уште некој,
што го чита, што го сака…“
Навистина, така се сака и брани Рацин!
Љупчо Данов