(фото) Над 800 присутни велешани на хуманитарниот концерт за семејството Јовевски, досега собрани 200 илјади денари

Објавено: 28 ноември, 2025, во 10:44 часот

Повеќе од 800 велешани присуствуваа на хуманитарниот концерт во салата на ООУ „Блаже Конески“, каде велешки и македонски уметници настапија без надомест и ја споделија сцената во знак на поддршка за семејството Јовевски. Многу од нив, покрај настапот, донираа и во хуманитарната касичка, создавајќи вечер исполнета со солидарност и човечност.

На сцената настапија Мики Секуловски, Анета Арсова, Круме Спасовски, Никола Сташиниќ, Баже Натов, Злате Антевски, Кате Брезова, Вики Среброва, бендот „Парабола“, гајдаџијата Ратко од Скопје, како и играорците од Ансамбл„Керамичар“ и КУД „Коле Неделковски“.

Претседателот на здружението „Велешки акцијаши“, Делчо Костов ја истакна големата солидарност на велешани.

-Велес уште еднаш покажа дека има големо срце. Благодарен сум на секој поединец и секоја институција што се вклучи за да му помогнеме на нашиот млад член Гоце и на неговото семејство. Тој години наназад учествуваше во еколошки и хуманитарни акции, а сега е наш ред да застанеме зад него и да му овозможиме повторно топол и безбеден дом, рече Костов.

Во хуманитарната акција што ја спроведува велешкото Здружение „Велешки акцијаши“ преку солидарни касички, донации и големиот хуманитарен концерт, собрани се до сега 200 илјади денари за помош на семејството Јовевски чиишто дом под Којник беше речиси целосно уништен во пожар. Семејството, кое остана без покрив над глава, моментално е сместено кај роднини и пријатели.

Како што информира Костов во акцијата се вклучени основните и средните училишта во Велес, наставници и ученици, детската градинка „Димче Мирчев“, Здружението на пензионери, како и повеќе компании меѓу кои „Пододекор“, „Ветекс“ и „Маркард“. Помош најавиле и други фирми, институции и градежни компании кои ќе учествуваат во обновата на домот.

Костов додаде дека акцијата продолжува и дека сите граѓани и фирми кои сакаат да помогнат можат да донираат на жиро-сметката на семејството:
210501648880642 – Пандорка Јовевска, Тутунска банка

Во тек се и договори со градежни фирми од Велес за целосна реконструкција на куќата, со што на семејството Јовевски ќе му се овозможи повторно да се врати во својот дом.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.