Компјутерски томограф, 32 слајден, наскоро ќе се монтира во велешка болница, соопштија од Министерството за здравство
„По извршените проценки од стручни лица станува збор за поголем дефект за кој е констатирано дека сервисирањето на апаратот Компјутерски томограф во ЈЗУ Општа болница Велес финансиски е неисплатливо, одговорија од Министерството за здравство на новинарските прашања на Дума.мк. Од таму велат дека се преземале активности за инсталирање друг КТ апарат, 32 слајсен.
„По завршување на сите законски предвидени процедури во вакви случаи, меѓу кои е и добивање дозвола, апаратот ќе биде ставен во функција и на располагање за пациентите од овој регион, пишува министерството.
Во одговорот не е конкретизирано кога точно велешани, граѓаните од соседните општини и од регионот ќе можат да се снимаат на нов апарат во велешка болница. Тие засега се упатуваат на снимање преку прв слободен термин најчесто во Скопје и во Штип.
Компјутерскиот томограф што се расипа беше многу користен, особено изминатите две години, велат лекари од болницата. Во услови на пандемија на Ковид 19 освен од вардарски регион на него се снимаа и граѓани од различни делови на државата.
„Ако максимално дневно на компјутерскиот томограф требаше да се направат 30 снимања апаратот беше три пати повеќе користен. Деведесет или сто снимања не е исто со 30 снимања. Од Рендген одделението постојано укажуваа дека преголемиот број на снимања ќе го амортизира и ќе биде причина за појава на дефекти на сега расипаниот КТ апарат но од друга страна не можеше да им се откаже потребата од здравствена услуга на пациентите. Граѓани доаѓаа од Штип, од Гевгелија и од други делови на државата кои имаа потреба од снимање, велат од ЈЗУ Општа болница Велес.
Директорот на велешка болница д-р Божидар Бојаџиев вели дека биле во секојдневна комуникација со министерството за здравство.
-Се подготвува потребната документација и набрзо очекуваме да добиеме Компјутерски томограф што ќе го користиме додека целосно не го решиме проблемот со нов. Апаратот што ќе го добиеме е 32 слајден за разлика од расипаниот кој беше 16 слајден, додаде д-р Бојаџиев.
ЈЗУ Општа болница Велес во 2011 година го доби Компјутерскиот томограф кој повеќе не може да се употребува затоа што освен потрошената сонда на него се појавиле и други дефекти. Дефектите не можеле да се отстранат и покрај набавените резервни делови од странство. Медицинскиот апарат последниве години покажуваше чести дефекти за целосно да запре да работи, минатата година, во месец декември. Од тогаш болницата во дијагностика работи без овој многу значаен рендген апарат.
Убавка Јаневска