Пристигнува „Агент 203“: Погледнете го трејлерот за првата македонска 3Д-анимирана серија (видео)

Објавено на 14 април, 2022 во 11:08

„Агент 203“ е првата 3Д-анимирана серија на македонското студио „Ви хаус“, во целост осмислена и реализирана од домашни креативци – од идеја, дизајн и моделирање на карактери, текстурирање, до режија. Наменета е за возраст од 7+ години и ќе биде пласирана на светскиот пазар.

Серијата се состои од 26 епизоди, секоја во траење од 22 минути. Главен лик во приказната е девојчето Зои, интергалактички вселенски агент, кое заедно со нејзиниот партнер, вонземјанинот Улав, и најдобрите пријатели, се бори со негативците од вселената. Главниот негативец се вика Гор и неговата мисија е да ја украде магичната алка на Зои, што ја добила во аманет од татко ѝ, кој исто така бил интергалактички агент. Тој исчезнал во акција.

Ко-креатор и режисер на серијата е Дамјан Митревски.

Покрај „Ви хаус“, копродуценти на проектот се „Тун ту танго“, ТВ Мондо, Супер РТЛ и „ГмбХ енд Ко.КГ“. Како соработници, на серијата се јавуваат и „Космос анимејшн“. Ќе се емитува на Супер РТЛ, а за натамошната дистрибуција дополнително ќе се разговара.

Од „Ви хаус“ велат дека се планира и македонска нахсинхронизација, со цел да може да ја види и домашната публика.

„Горди сме на тимот неверојатни професионалци што работи на „Агент 203“. Оваа серија е уште една потврда дека во нашата земја имаме таленти и квалитетни професионалци кои може да понудат производ со светски квалитет. Сакаме да ги охрабриме младите да се насочат кон оваа релативно млада индустрија, со многу потенцијал“, велат тие и додаваат дека со возбуда го исчекуваат почетокот на емитувањето на серијата.

Денеска е објавен официјалниот трејлер, додека почетокот на емитувањето се планира за пролетта 2023 година.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.