УЈП: Исцрпени се сите законски можности за деблокада на жиро сметката на „Колска“
Управата за јавни приходи одговори на новинарските прашања на Дума.мк поврзани со повторното блокирање на жиро сметката на велешката фабрика за шински возила „Велес“. Од таму конкретно на прашањето дали постои било каква законска можност за деблокада на жиро сметката на фабрика во Велес, со цел да бидат наплатени побарувања од „ОИЛКО“ и исплатена плата на 82 работници, за месец март, одговорија:
„Управата за јавни приходи кон сите даночни обврзници постапува согласно законските надлежности, процедури и прописи. Конкретниот даночен обврзник, ги користи сите законски можности за намирување на долгот кон УЈП. Штом истите бидат намирени, ќе се создаде можност за сопствено располагање на останатите средства од страна на даночниот обврзник“, пишува во одговор на УЈП.
Одговорот на Управата значи дека не постои друга законска можност за деблокада освен подмирување на месечната рата од 2 милиони денари па потоа исплата на плата, на придонеси, потребни средства за електрична енергија, за вода и за купување на потребните репроматеријали за работа.
Со обемот на работа, коишто во моментов го има „Колска“ каде се репарираат само пет железнички коли на „Национални железници“ финансиски средства не се доволни за подмирување на сите обврски и за плата. Доколку работниците продолжат да работат тогаш парите што „Оилко“ ќе им ги плаќа ќе завршат во касата на „Национални железници“.
Дефинитивно, приватизација или припојување кон јавното железничарско претпријатие е единственото решение за моментално 82 вработени во „Колска“ од кои 12 ќе заминат во пензија до крајот на годината.
Убавка Јаневска