Пред 42 години почина Тито: телевизиската програма беше прекината, на погребот присуствуваа 700.000 луѓе (видео)
На денешен ден пред 42 години почина доживотниот претседател на СФРЈ и Сојузот на комунистите на Југославија, Јосип Броз Тито.
Почина на 04.05.1980 година во 15.05 часот во Клиничкиот центар во Љубљана, три дена пред неговиот 88. роденден.
Децении подоцна, неговата смрт остана персонификација на распадот на една држава и систем. Генерациите го паметат со жал за минатото.
Периодот на неговото владеење беше формално официјализиран во 1953 година, кога беше избран за претседател на Југославија. Бројните одлуки што ги донел биле пресвртници во развојот на тогашната држава на сите полиња.
Веројатно најважни се оние поврзани со периодот на Студената војна и неврзувањето на Југославија во еден од тогашните два воспоставени блока предводени од Соединетите Американски Држави и Советскиот Сојуз. Како своевиден одговор на формираните воено-политички блокови, тој реши да го основа Движењето на неврзаните со африканските и азиските лидери, без да се приклучи на страната на една светска сила.
Говорите на Тито, написи и други политичко-теориски трудови беа објавени во повеќе изданија во СФРЈ и во странство.
Се разболел на 88 години, но и покрај тоа ги извршувал своите обврски и учествувал на Самитот на неврзаните во Хавана во 1979 година. Во јануари 1980 година му била ампутирана левата нога.
И покрај надежите дека здравјето на претседателот ќе се подобри, црните прогнози се остварија четири месеци подоцна, кога љубљанските лекари ја објавија смртта на југословенскиот претседател.
На 4 мај во 18 часот и 50 минути беше прекината телевизиската програма, а спикерот Миодраг Здравковиќ ја прочита најтажната вест по која се се промени:
– Почина другарот Тито.
Сите беа во неверување. Неговата смрт го означи крајот на „златното доба“. Десет години подоцна, распадот на Југославија е проследен со крвави војни.
Погребот на Јосип Броз Тито, одржан во Белград, беше вториот најгледан настан на телевизија во 20 век. На збогувањето на претседателот на СФРЈ присуствуваа 700.000 луѓе, 209 делегации од 127 земји, што се дефинира како најголемо збогување на државник во историјата.
Обожавателите на ликот и делото на Јосип Броз Тито традиционално од раните утрински часови го посетуваат неговиот гроб во Куќата на цвеќето на Дедиње во Белград, а најмногу посетители доаѓаат од земјите што се појавија по распадот на Југославија.
Јосип Броз Тито е роден во Кумровец во мај 1892 година. Неговиот роденден и денес се слави на 25 мај како „Ден на младоста“.