Велешани низ забава и дружење учеа за правилното одлагање на отпад и заштита на животната средина (фото и видео)
Во пресрет на денот на животната средина, вчера, во Младинскиот парк во Велес се одржа забавно-едукативен настан за правилно одлагање на отпад. Децата се натпреваруваа во правилно селектирање на отпад, цртаа, се дружеа и уживаа во настапите на нивните сограѓани од КУД „Коле Неделковски“ и Ансамбл „Керамичар“, на оркестрите и кореографиите на балерините на Балетско студио „Анабела“.
Овој настан за правилно одлагање на отпад и заштита на животната средина е дел од едукативната кампања која се спроведува во општина Велес, во рамки на проектот „Одржлив урбан развој на Ромските заедници“, кој Хабитат Македонија го спроведува со општините Велес и Шуто Оризари.
Во кампањата за правилно отстранување отпад активно учествуваат и Јавното комунално претпријатие Дервен од Велес, фондацијата Фокус и членовите на Локалната лидерска група од Велес формирана за поддршка на проектот.
Почетокот на кампањата се означи преку ликовен конкурс за учениците од четврто одделение во основното училиште „Панко Брашнар“ кои најпрвин проследија едукативна презентација, а потоа низ цртежи покажаа „Како до почиста животна средина преку правилно одлагање на отпад“. Веќе се одбрани петте најдобри цртежи, а сите учесници во конкурсот добија благодарници и пригодни подароци.
Кампањата за подигнување на свесноста за важноста од правилно отстранување на отпад се одвива под слоганот „За чист дом, за здрав живот – Фрлај го отпадот на означеното место!“, изработени се едукативни летоци и постери, едукативни материјали за социјални мрежи и други активности. Кампањата е предвидено да заврши до крајот на јуни 2022г.
Во рамки на проектот „Одржлив урбан развој на Ромските заедници“ кој во Велес се спроведува од 2020 година, до сега се спроведени и се во тек повеќе активности како што се изработка на ДУП-ови за областите каде што живеат маргинализирани групи граѓани, набавка на возила за собирање на смет за ЈКП Дервен низ тешко пристапните делови на Велес, започна едукативната кампања за правилно отстранување отпад, а во тек е и процесот за избор на куќи кои ќе се реновираат.
Главна цел на проектот „Одржлив урбан развој на Ромските заедници“ е да придонесе кон инклузивен, ефикасен и одржлив урбан развој со промоција на еднакви можности за социјална инклузија во домувањето, образованието и здравството кај Ромите и маргинализираните заедници во Шуто Оризари и Велес. Проектот е со финансиска поддршка на Европската Унија.