Од 17 септември до 1 октомври ИФАД „Стоби 2022“
Деветнаесетото издание на фестивалот на античка драма „Стоби“ ќе се одржи од 17 септември до 1 октомври во зградата на велешкиот театар на големата сцена. Во Амфитеатар на археолошкиот локалитет „Стоби“ се уште нема услови за прикажување на претстави. Градоначалникот на Општина Велес Марко Колев на денешната прес – конференција рече дека негова најголема желба е во наредните три години од неговиот мандат барем една претстава да се одржи на археолошкиот локалитет „Стоби“.
-Вистинското место за одржување на овој фестивал е Археолошки локалитет „Стоби“. Добро е овој фестивал да се одржува на повеќе локации но моја желба е да завршат работите што поскоро и барем една претстава во наредните три години да се прикаже во Амфитеатар на „Стоби“. Исто така, ги поканувам сите велешани како и љубители на античката драма да дојдат и да уживаат во фестивалските вечери, додаде Колев.
Програмата на годинешното издание на ИФАД „Стоби“ е составена од три дела и официјална селекција, придружна и од оff- програма. Во вкупно 14 дена, годинава, на ИФАД предвидени се повеќе од 25 настани.
-Годинешното издание на ИФАД „Стоби“ ќе започне во сабота, 17 септември, со античката престава „Антигона“ во режија на Диего Де Бреа а во продукција на Драмско позориште во Белград, Република Србија. Потоа на 19 септември гостува претставата „Ифигенија“ работена според Еврипид, во режија на Зоран Ракочевиќ а во копродукција на „Корифеј театар“ на Центар за култура „Колашин“ и Центар за култура „Бјело Поље“ ,Република Црна Гора. Следна претстава во официјлната селекција на фестивалот е „Одисеј“, работена по текст на Хомер од автор Александар Секулов и во режија на прославената бугарска режисерка Диана Добрева чии продуцент е Драмски театар НО „Масалитинов“ од Пловдив, Републија Бугарија. Потоа е претставата на гостите од народниот театар од Ниш, Република Србија, станува збор за претставата „ Еден Едип“ според современиот португалски писател Роза во режија на Југ Џорџевич. Во трка за фестивалска награда е и претставата „Пандорината кутија – наследството на ќерката“, авторски проект на Ришард Неичим, режисер од Канада во соработка со Културен центар „Медиа артест“ . Сите претстави ќе започнуваат во 20:00 часот а ќе се одржуваат тркалезни маси на коишто ќе се разговара за претставите заедно со авторите и изведувачите, со годинешното кредо на фестивалот: во нови слики, рече директорот на велешкиот театар „ЈКХ – Џинот“, Сашо Димоски.
Како новитет којшто се појавува оваа година на фестивалот на античка драма „Стоби“ е тоа што ќе бидат изведени две работилници од кои една за професионални актери и една за ученици. Во придружната програма ќе биде одржана и ликовна изложба на театарски фотографии со наслов „Маски“ а исто така ќе биде одржано и предавање на тема „Како од Одисеја да се стигне до Одисеј“ на режисерката Дијана Добрева.
-Во придружната програма имаме и неколку претстави со антички теми „Популус“, „Мечта на трагичните поети“, „И боговите јадат Тирамису“, како и проекција на танцов филм „Дома“. Жири комисијата која ќе одлучува за четирите интернационални награди е составена oд Дејан Дамјановски театарски режисер, Билјана Драгичевич Пројковска актер и Ѓорги Олески актер и режисер. Со цел нивно претставување, во off- програмата на фестивалот, ќе бидат изведени претставите „Последната лента на Крап“, „Кармен“ и „Херои 04:33“. Во чест на лауреатите на затворањето на фестивалот, на 1 октомври, ќе гостува македонската Национална опера и балет со претставата „Госпоѓиците од Авињон“, додаде Димоски.
Билетите за претставите на овогодинешниот фестивал ќе бидат поделени во две категории. За посетителите кои ќе изберат да гледаат претстава билетот ќе чини 150 денари додека ќе биде понуден билет за сите настани, коишто ќе се случуваат во рамки на фестивалот, за коишто наскоро ќе биде формирана цена.
Инаку ИФАД „Стоби“ финансиски е поддржан од страна на Општина Велес со 500.000 денари како и од Министерството за култура со еден милион денари.
Стефани Манева