Евгениј Поп Ацев и Александар Илиевски ќе пливаат на IX Велешки пливачки маратон
На претходно одбележана патека во должина од 1250 метри и со учество на професионални пливачи и на рекреативци ,во недела, на 18 септември, во водите на езеро „Младост“ крај Велес ќе се одржи традиционалниот Велешки пливачки маратон. Годинава стартот и целта на трките ќе биде плажата пред хотел„Романтик“. Пријавувањето на учесниците сеуште тече. До денеска се пријавени 47 натпреварувачи и меѓу нив најдобрите македонски пливачи Евгениј Поп Ацев и Александар Илиевски . ќе пливаат на Велешки пливачки маратон којшто е финале на Македонски куп во далечинско пливање.
На маратонот,годинава,сигурно е учеството на пливачи од Бугарија додека најави има и за учесници од Хрватска.
Врховен судија ќе биде Зоран Величковски, професор од Македонска пливачка федерација. Натпреварите ќе се одвиваат во четири категории и тоа: 800 метри промотивна трка за деца, како и натпреварување на 2500 метри, на 5000 метри и 10.000 метри или олимписка дисциплина во машка и женска конкуренција за професионалните пливачи.
-Учесници во пливањето можат да бидат сите пливачи коишто се организирани во клубови или самостојно. Подготовките се во завршна фаза. Маратонот ќе започне во 9 часот со рекреативниот пливачки маратон на 2.500 метри во кој можат да се пријават учесници кои не се членови на пливачки клубови и се рекреативци. Во 10 часот ќе се означи стартот на промотивната трка на 800 метри со учество на пливачи до 12 години или трката за деца. Во 10:30 ќе стартува трката на финалето на македонскиот куп во далечинско пливање во 2.500 метри и во 10: 45 часот стартот на 5.000 и на 10.000 метри, рече Иле Попов од Организацискиот одбор на маратонот.
Прогласувањето на најдобритена IX Велешки пливачки маратон и врачувањето на дипломите со паричните награди ќе се одржи во 14:00 часот.
Маратонот ја има поддршката на Општина Велес која годинава финансиски покровител и го помага со 200.000 денари како и на спонзорите „Вулканизер Дине“,Ротари клуб Велес и хотел „Романтик“.
-Сакам да ги поканам велешани и љубителите на спортот ,на пливањето, да дојдат на езеро „Младост“ да се дружиме и забавуваме затоашто во изминатите десет месеци се потврди тоашто се што се направи во овие спортските области ги зближува нашите сограѓани и дава позитивен пример како треба да се работи, рече Градоначалникот Марко Колев.
Организатори на маратонот се Здружение за спорт и рекреација „Клуб 28“, Кајакарски клуб „Бабуна“ и Пливачка федерација на Македонија. За безбедноста на пливачите ќе се грижат волонтери на Црвен Крст, кајакари од сите кајакарски клубови во Велес како и лекари со медицински екипи.
Васил Велков од Пливачка федерација на Македонија, најави дека вгодина, на десет годишниот јубилеј Велешкиот пливачки маратон ќе прерасне во дел од Европскиот куп во далечинско пливање.
Убавка Јаневска