МОН: Функционира апликацијата за онлајн настава „Тимс“
По вчерашните реакции дека учениците имаат проблем со апликацијата Тимс, преку која се следи онлајн настава, Министерството за образование и наука потврди дека имало прекин во функционирањето, но по кратко време учениците се приклучиле на корисничките сметки.
-Се користи Тимс-апликацијата која функционира и секој ученик со своето корисничко име и лозинка може да пристапи и да го користи профилот за вклучување во онлајн-настава. Добивме известувања од неколку училишта дека имало прекин во функционирањето, односно користењето на Тимс, но по кратко време учениците се приклучиле со своите кориснички сметки, велат од МОН.
Министерството минатата недела испрати допис до сите средни и основни училишта да перземат итни мерки со цел непречено одвивање на наставата, односно по упатена закана за поставена експлозивна направа, учениците имаат обврска за еден час да се вклучат од дома и наставата да ја продолжат онлајн.
Утрово до 8:20 часот упатена е закана до 18 училишта во Скопје. По добиените пријави, полицијата информираше дека се преземаат мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите, наведуваат од МВР.
Во текот на вчерашниот ден дојави имаше во 120 училишта во Скопје, а по направените проверки од страна на МВР беше утврдено дека станува збор за лажни дојави.
Дума.мк