Жители на згради и куќи во центар на Велес тврдат дека агрегат на „Телекабел“ им го ремети спокојот (фото и видео)

Силна бучава предизвикува агрегат поставен од страна на компанијата „Телекабел“ на улица „Солунска“ во центарот на градот. Семејства кои што живеат во популарно наречената „свиларска зграда“, над и спроти канцелариите на експозитурата на телекомуникацискиот оператор, како и во соседните куќи тврдат дека бучавата неиздржлива е во ноќните часови.
Граѓаните исто така сметаат дека агрегатот не требало да биде поставен на бетонската површина на улицата „Солунска“ затоа што им создавал проблеми за влез на автомобилите до трите куќи во кои тие живеат.
Дума.мк пред три дена побара став од „Телекабелел“ за проблемот со буката од агрегатот. Од таму, до објавувањето на текстот, не одговорија на новинарските прашања дали ќе интервенираат и ќе ја намалат буката од агрегатот.

Од Општина Велес добивме информација дека овој телекомуникациски оператор има дозвола за поставување на агрегатот на улица „Солунска“ која се обновува секоја година. Во моментов Општина Велес ја подготвува дозволата за годинава.
Граѓаните сметаат дека пред да ја издаде општината сепак треба да ги провери децибелите на бука што ги предизвикува агрегатот на улица „Солунска“.
Убавка Јаневска
