Велешани бараат пристапни рампи додека се гради дел од кејот кај Мало Мовче, општината повторува дека нема проектна документација
Изградбата на дел од кејот на река Вардар ,од западната страна на Мало Мовче, деновиве е интересна глетка за голем број на Велешани. Граѓаните застануваат и ги надгледуваат градежните работи, меѓусебе разговараат а дел од нив и го кометираат изведувањето на градежните работи.
Изградбата воглавно се оценува како дел од значаен инфраструктурен објект кој на Велес му е потребен и не само за да го разубави ликот туку и да овозможе место за седење, особено од рана пролет до доцна есен.
-Конечно да видиме изградба што ќе овозможи да се промени ликот на градот во неговиот центар. Ние повозрасните граѓани ќе го користиме за седење во лето ако тука постават клупи и осветлување. Нашите снаи ќе можат да ги донесат децата. Само да посадат дрворед, кога ќе завршат со градењето, рече велешанец.
-Добро го градат. Поубаво ќе биде од претходната состојба кога на брег од земја само Роми знаеја да се распостелат. Немаше убава глетка ни кога го користеа за паркинг. Очекувам да направат убаво место за починка за повозрасните а и за прошетка на помладите, рече велешанец.
-Мало Мовче е многу корисен мост од граѓаните. Локацијата е извонредна и затоа како пешачки мост го користат граѓани од двете страни на Велес. Особено во пазарните денови, вторник, петок и недела. Гледате дека тука „врие од народ“ кој преминува. Има една фалинка, недостасува пристапна рампа за туркање на количките за пазарување. Зошто сега не се направи од двете страни на Мало Мобче за да ни се олесни пренесувањето на испазаруваните производи, праша Велешанка.
-И за мајките со колички во кои ги возат децата ќе биде поупотребливо Мало Мовче ако има пристапна рампа од двете страни. Зошто децата да ги возиме и да заобиколуваме преку мост „Гемиџии“ или Стар Мост? Подобро ќе биде и за инвалидизираните лица во колички. Сега додека се гради овој дел на кејот нека направат пристап, додаде млада мајка со дете.
Дума.мк испрати на емаил новинарски прашања до Општина Велес во кои ги пренесе забелешките на граѓаните и нивното барање за изградба на пристапни рампи од двете страни на Мало Мовче. Според добиениот одговор од општинската администрација, на предочената локација сепак не може да ги удоволи барањата на граѓаните во текот на изградбата на делот од кејот.
Општината во образложението напиша дека нема проектна документација со која може да изведе, гради, пристапни рампи.
„За изградба на пристапни рампи потребно е да се изготви проектна документација и да се добие решение согласно член 7 од Правилникот за формата и содржината на барањето , потребната документација и образецот на решението за изведување на градбите односно поставување на опремата за кои не е потребно одобрение за градење во кој пишува дека за изградба на градба со кои се овозможува и олеснува движењето на лицата со инвалидност до и во градбата потребно е да се достави следната документација:
-основен проект – фаза градежен дел и
-извод од урбанистичко-планска документација (детален урбанистички план, урбанистички план за село, урбанистички план за вон населено место, државна урбанистичка планска документација или локална урбанистичка планска документација) со која се потврдува објектот во чија функција треба да се изградат овие градби.
Тоа значи дека без документација одобрена од надлежен орган, без предвидени средства во програмата, без тендер нема можност да се почне со градба на пристапна рампа,“ одговори Општина Велес.
Ова не е прво барање на Велешани за изградба на пристапни рампи на Мало Мовче. Дума.мк последен пат на оваа тема пишуваше пред најмалку три години. И тогаш и сега општината излегува со ист став поточно немање на проектна документација. Ни тогаш ниту сега нема прецизирање дали е во план подготовка на потребната проектна документација која ќе ја овозможи реализацијата на ова граѓанско барање.
Убавка Јаневска