Денеска започнува велешката „Питијада 2023“ којашто нуди вкусна пита, вино и добра македонска музика
Фестивалот на велешка пита и вино „Питијада 2023“ денеска свечено ќе биде отворен во 17:30 часот со настап на најмилите и најмалите дечиња од детската градинка „Димче Мирчев“. Еден час подоцна, поточно во 18:45 часот, ќе биде сечена „Џиновската пастрмалија“ којашто годинава ќе ја подготват пита мајсторите на пекара „Гемиџии“ коишто го прифатија предизвикот за 20 сантиметри да биде подолга од минатогодишната којашто беше долга четири метри.
Граѓаните на Велес но и од цела Македонија потоа ќе можат да уживаат во настапите на познати македонски фолк и поп рок пејачи и групи. За најмилите граѓани, со почеток во 19:15 часот свој настап ќе имаат „5+ Бенд“. Потоа, во 20:15 часот на сцената свој настап ќе има познатиот македонски фолк пеач Ефто Пупиновски. Еден час сцената ќе им биде отстапена и на младите македонски поп артиски Пајак и Лара, поточно нивниот настап ќе започне во 21:30 часот. На самиот крај на првата фестивалска вечер, со почеток во 22:45 часот, свој настап ќе има групата „Некст Тајм“.
Присутните гости на првата вечер, покрај можноста да уживаат во добра македонска музика, велешка пита и вино ќе имаат можност да проследат и огномет.
Стефани Манева