Д-р Давчева: Кој кого носи, телото низ животот или душата низ вечноста?
Објавено: 27 јуни, 2026, во 15:03 часот
Темата отвора егзистенцијално прашање и го истражува парадоксот дали и двете се вистинити истовремено.
Додека сме живи изгледа дека телото ја носи душата. Но кога тагуваме, се разочаруваме, кога ќе се заљубиме, или кога сонуваме, ни станува јасно дека токму душата го носи телото низ животот. Да се запрашаме кога последен пат нашето тело било уморно, а душата не туркала напред? Велиме дека телото е куќата, а душата е домаќинот. Но кој живее во кого? Целиот живот го одржуваме телото, го храниме, го облекуваме, го негуваме, го лекуваме. Но колку време посветуваме на домаќинот што живее во него? Можеби најголемата животна трагедија не е кога телото старее, туку кога душата останува ненаселена.
Ако направиме паралела со автомобил, тоа би значело дека го полираме автомобилот, но не знаеме каде патуваме, или тоа би значело да се грижиме за возилото, а да го заборавиме патникот! Луѓето инвестираат години во изглед, статус и материјална сигурност, а ретко се прашуваат: Како ми е денес душата?
Телото никогаш не лаже, а душата никогаш не замолчува
Анксиозноста, паничните напади, хроничниот замор и психосоматските симптоми можат да се претстават во јазик преку кој душата зборува кога не сме и посветиле внимание, не сме и дале значење и не сме ја слушнале со години. Кога душата ќе се измори од барање внимание, телото почнува да вика. Современиот човек има сè, а сепак чувствува празнина. Има луѓе кои имаат пари, успех, статус, врски, патувања, а сепак чувствуваат дека нешто суштинско недостасува во нив. Не страда телото затоа што е болно. Тоа често боледува затоа што душата е гладна.
Понекогаш се запрашуваме: можеби не сме тело со душа, можеби сме душа со привремено тело! Телото го добиваме со раѓање, а душата ја откриваме цел живот.
Да замислиме еден дијалог помеѓу телото и душата:
Телото: „Јас те носам веќе шеесет години!“
Душата: „Не. Јас сум причината што уште одиш!“
Телото: „Без мене не можеш да постоиш!“
Душата: „Без мене немаш причина да постоиш!“
Па така повторно се враќаме на прашањето: Кој кого носи? Телото низ животот или душата низ вечноста?
Од психотераписки аспект, можеби најважното прашање не е дали имаме тело и душа, туку дали тие сѐ уште одат во ист правец! Ова прашање овозможува да ги споиме психологијата, егзистенцијалните прашања, смислата на животот, психосоматиката и личниот развој во еден заеднички став.
Да замислиме дека еден ден се будиме и откриваме дека сме добиле сѐ што некогаш сме посакувале… Доволно пари. Удобен дом. Сигурност. Пријатели. Почит. Слобода… Но, наместо радост, чувствуваме чудна празнина. Стануваме од креветот и се прашуваме:
„Зошто сум уморен кога ништо не ми недостасува?“
Токму тука започнува едно од најстарите и најдлабоки човечки прашања: Кој кого носи, телото низ животот или душата низ вечноста и на прв поглед одговорот изгледа едноставен. Телото е тоа што чекори, работи, јаде, патува, создава и старее. Телото ја носи душата. Но ако е така, тогаш зошто постојат луѓе кои физички се здрави, а духовно се скршени? Зошто некои луѓе имаат сѐ, а чувствуваат дека немаат ништо? И обратно…
Зошто некој што се бори со болест, загуба или сиромаштија понекогаш успева да зрачи со животна сила која не може да се измери со медицински апарат? Можеби затоа што постои и друга вистина. Можеби понекогаш токму душата е таа што го носи телото.
Телото никогаш не лаже!
Во гешталт психотерапијата постои едно едноставно, но моќно правило: Телото секогаш ја кажува приказната што умот се обидува да ја сокрие.
Човек може да каже: „Добро сум!“ Но неговиот говор на телото, неговите стегнати рамења, подгрбавено тело, забрзаното дишење, неговата фацијална експресија, вкочанетата вилица, паднатите очи и веги раскажуваат сосема поинаква приказна. Телото не знае да глуми долго. Тоа памети. Го памети стравот што никогаш не бил манифестиран. Ја памети лутината што морала да биде проголтана. Ја памети тагата што не смеела да биде покажана.
Истражувањата во областа на психосоматиката и невронауката сѐ повеќе покажуваат дека емоционалните состојби имаат директно влијание врз нервниот систем, имуниот систем и целокупното физичко здравје. Кога човек долго време живее спротивно на себе, телото почнува да зборува. Прво шепоти, потоа предупредува, на крајот вика на свој специфичен начин. Некогаш преку анксиозност, некогаш преку панични напади, некогаш преку несоница, преку апатија, преку хроничен замор. А понекогаш преку необјасниво чувство дека нешто не е во ред, иако „сѐ е во ред.“ Големата трагедија на современиот човек е дека можеби никогаш во историјата луѓето немале повеќе удобност и никогаш немале повеќе анксиозност. Никогаш немале повеќе начини за комуникација и никогаш не биле поосамени. Никогаш немале повеќе можности и никогаш не биле понесигурни што навистина сакаат. Можеби проблемот не е во тоа што немаме доволно. Можеби проблемот е што сме изгубиле контакт со оној дел од нас кој знае што е доволно.
Во гешталт психотерапијата ова се нарекува губење на контакт со себе и сопственото искуство. Човекот престанува да живее одвнатре кон надвор. Почнува да живее однадвор кон внатре. Ги следи очекувањата, трендовите, стандардите, ги следи туѓите соништа и незабележливо се оддалечува од себе. Телото продолжува да се движи, но душата останува некаде зад него, како да телото и душата одат во различни правци.
Замислете млад човек кој заработува многу пари, патува, излегува и се забавува, купува што сака. Сите би рекле дека е успешен. Но навечер тој не може да заспие, се измачува. Чувствува празнина. И покрај се, тој нема гордост, не се чувствува успешен. Нема смисла на неговото живеење, постоење. Однадвор неговото тело трча со огромна брзина, одвнатре неговата душа стои во место.
Има луѓе кои изгубиле речиси сѐ и сепак биле живи и луѓе кои имале речиси сѐ и веќе биле мртви одвнатре. Кога еден човек вели: „Не сум тажен. Само ништо не чувствувам!“
Тоа не е затоа што зборува за болка, туку затоа што зборува за отсуство на живот. Болката барем значи дека нешто во нас сѐ уште се бори. Празнината често значи дека долго време сме престанале да се слушаме.
Или замислете жена која цел живот ги исполнувала туѓите очекувања. Била добра ќерка. Добра ученичка. Добра сопруга. Добра мајка. Добра работничка. Добра другарка и пријателка. Еден ден доаѓа на психотерапија и вели: „Не знам која сум јас!“ Телото го одиграло секој зададен лик и влегло во секој идентитет, но душата никогаш не добила можност да зборува. Тогаш не страда само човекот. Страда врската помеѓу телото и душата.
Можеби најтажните луѓе не се оние што изгубиле нешто. Најтажни се оние што добиле сѐ што посакувале, а сепак не можат да почувствуваат радост. Ги гледаме секојдневно. Седат во кафулиња, возат луксузни автомобили, објавуваат фотографии од патувања и несекојдневни дестинации, се смеат, планираат, успеваат и никој не забележува дека во нив постои тивка војна. Војна помеѓу телото и душата. Телото продолжува напред, душата останува некаде зад него.
Живееме во време во кое човекот научи да стигне речиси секаде. До други континенти. До дното на океанот. До вселената. Но сѐ потешко стигнува до самиот себе. Секојдневно трчаме по рокови, обврски, амбиции и цели. И додека трчаме, ретко се прашуваме: Кој всушност го живее овој живот? Телото или јас? Затоа што постои разлика. Голема разлика. Телото може да функционира и кога душата одамна престанала да учествува. Човек може да оди на работа. Да плаќа сметки. Да создава семејство. Да исполнува обврски. И сепак да не живее, само да постои, механички.
Гешталт психотерапијата не се занимава толку со прашањето што не е во ред со човекот.
Повеќе ја интересира каде човекот попатно се изгубил од самиот себе. Каде го прекинал контактот. Каде престанал да чувствува. Каде почнал да игра улога наместо да биде жив. Бидејќи повеќето луѓе не доаѓаат на психотерапија поради проблемите што ги имаат, туку поради деловите од себе што ги напуштиле, од кои се отуѓиле. Детето што некогаш сонувало. Момчето што плачело. Девојчето што сакало да биде видено. Човекот што сакал да каже „не!“ Жената што сакала да каже „доста е!“ Некаде по патот тие делови биле жртвувани за да можеме да бидеме прифатени. И светот нѐ наградил за тоа. Но душата никогаш не го прифаќа договорот. Таа трпеливо чека. Години, понекогаш децении… И еден ден се појавува како анксиозност… Како немир… Како чувство дека нешто недостасува… Не затоа што е расипана, туку затоа што сака повторно да биде слушната.
Филозофите со векови барале и давале одговори што е душата. Тие зборувале за грижата за душата како највисока човечка задача. Сократ верувал дека најголемата опасност не е незнаењето, туку животот без самопреиспитување.
Платон го споредувал човекот со кочија управувана од различни сили.
Источните традиции зборувале за усогласување на телото, умот и духот.
Егзистенцијалните филозофи подоцна предупредувале дека човекот може да го изгуби сопствениот живот додека се обидува да ги исполнува туѓите претстави за успех.
Иако користеле различен јазик, сите укажувале кон истото: Човекот страда кога ќе се одвои од својата суштина.
Со векови луѓето дебатирале дали душата постои
Но, најважното прашање не е дали имаме душа… Можеби тоа е погрешното прашање. Можеби поважно е: Дали ја слушаме? Дали ја чувствуваме? Дали ѝ дозволуваме да влијае врз нашите избори? Затоа што можеби најголемата загуба не е смртта на телото. Можеби најголемата загуба е живот во кој душата никогаш не добила шанса навистина да живее.
Да направиме еден мал експеримент…
Застанете за момент. Не читајте понатаму неколку секунди. Земете длабок здив. И поставете си три прашања: Каде во моето тело чувствувам живот токму сега?
Каде во моето тело чувствувам тежина, празнина? И што би ми кажала мојата душа ако конечно одлучам да ја слушнам?
Не барајте рационален одговор. Само слушајте. Можеби таму веќе се наоѓа одговорот што го барате со години. Можеби душата не е нешто што треба да се дефинира. Можеби душата е нешто што треба да се почувствува. Во моментот кога го гледате зајдисонцето и одеднаш замолчувате. Во прегратката што ви носи мир. Во солзата што конечно си дозволувате да ја пуштите. Во моментот кога велите: Ова сум јас, не ликот, не маската, не улогата. Туку јас!
Можеби затоа најважното прашање не е дали душата ќе живее по телото. Никој од нас не го знае тој одговор. Но сите можеме да си поставиме друго прашање. Дали душата живее додека телото е живо? Дали навистина е присутна во нашите денови, во нашите избори, во нашите односи, во нашите утра, во нашите ноќи? И можеби токму тука се крие одговорот на прашањето кој кого носи. Кога сме во контакт со себе душата го носи телото низ смислата. Кога сме изгубени од себе, телото ја влече душата низ обврските. Едното создава живот, другото создава преживување.
Еден ден сите ќе стигнеме до последната страница од сопствената приказна. Тогаш нема да биде важно колку луѓе ни аплаудирале. Колку пари сме заработиле. Колку титули сме имале. На која функција сме биле? Колку следбеници сме собрале… Ќе остане само едно единствено прашање: Кога телото чекореше низ овој свет дали душата беше со него? Или цел живот одевме толку брзо што ја остававме позади нас?
Постои една мисла која отсекогаш ме прогонувала: Што ако најголемиот страв на човекот не е смртта? Што ако најголемиот страв е сознанието дека никогаш вистински не живеел?
Што ако на крајот од животот не жалиме за грешките што сме ги направиле, туку за животот што не сме се осмелиле да го живееме? За љубовта што не сме ја признале. За зборовите што не сме ги кажале. За солзите што сме ги сокриле. За животот што сме го одложиле чекајќи подобар момент…
Кој кого носи, телото – душата или дуѓата – телото?
Можеби телото ја носи душата низ животот. Можеби душата го носи телото низ смислата.
Можеби едното без другото не може да постои.
Но едно прашање останува поважно од сите филозофски расправи: Кога утре ќе се разбудите и ќе продолжите по својот пат, дали вашето тело и вашата душа ќе одат заедно?
Или едното повторно ќе го влече другото во правец што не е негов?
Затоа што можеби вистинското мерило за исполнет живот не е колку далеку сме стигнале, туку дали додека сме оделе сме останале во контакт со себе. А кога телото и душата повторно ќе се сретнат на истиот пат, човекот престанува само да преживува и конечно почнува да живее!
Ако вечерва, во тишината пред спиење, почувствувате дека нешто во вас се помести, се освести додека го читате овој текст, немој веднаш да го оттурнете. Можеби тоа не е немир. Можеби не е тага. Можеби тоа е вашата душа која мирно стои на прагот. И не бара многу. Бара само да ја забележите, да и дадете внимание, да ја слушнете, само да ја почекате, само да тргнете повторно заедно…
Мимоза Давчева
д-р на науки, психолог, психотерапевт, едукатор

