Филиповски: Зошто децата со аутизам први ги учат бројките и буквите?

Објавено: 29 септември, 2025, во 08:34 часот


Една од посебните појави што ги забележуваме кај децата со аутизам е нивната способност да ги усвојуваат симболите букви и бројки со голема брзина и прецизност. Оваа појава често предизвикува восхит кај родителите и наставниците, но истовремено отвора прашања: дали тоа знаење е само механичко или може да стане функционална вештина која се користи во секојдневниот живот?

Бројките и буквите имаат фиксен редослед и форма, кои не се менуваат. Децата со аутизам често се потпираат на структура и правила и токму тоа им дава сигурност и предвидливост што ги прави овие симболи лесни за учење. Формите на симболите се јасни и визуелно нагласени. Многу деца со аутизам имаат зрело визуелно памтење, па лесно ги запомнуваат и разликуваат буквите и бројките. Азбуката и броевите се постојано присутни во песни, апликации, карти и играчки, а со нивно повторување и рутина го засилуваат усвојувањето. Способноста за обрнување внимание на мали детали им помага прецизно да ја разликуваат и репродуцираат формата на секој симбол. Многу деца со аутизам имаат извонредна механичка меморија и тоа им овозможува да запомнат редоследи и секвенци лесно и брзо.

Која е тајната на механичкото и функционалното учење?

Важно е да ја разликуваме способноста да се памети нешто (механичко учење) од способноста да се користи тоа знаење во реалниот живот (функционално учење). Механичкото учење се карактеризира со репродукција на информации без длабоко разбирање. Тоа може да вклучува: рецитирање на азбуката, избројување до големи бројки или повторување фрази од цртани филмови. Оваа форма на учење често е фундаментална и служи како почетна точка, но може да остане неупотребена ако не се промовира нејзината функционализација. Функционалното учење подразбира разбирање на значењето и способноста да се примени знаењето во различни контексти. На пример: користење броеви за делење играчки, составување кратка порака со букви или препознавање сообраќаен знак и соодветно реагирање. Целта на целокупниот образовен пристап е да се префрли акцентот од механичкото кон функционалното учење.

Практични стратегии за трансформација од механичко во функционално учење

Секогаш поставувајте учење во реални ситуации. На пример, ако децата ги знаат броевите, користете бројчиња при поделба на јадење, детето брои парчиња леб или овошје пред да ги подели. Не задржувајте се само на именување; прашајте најпрво „зошто“ и „како се користи“, ова поттикнува семантичко поврзување. Кога учи буква, побарајте илустриран збор (A – Авион) и користете вистински предмет или слика. Користете картици со предмети, слики, објекти од секојдневието и социјални приказни за поврзување на симболот со значење. Покажете како се користи знаењето и потоа барајте од детето да го примени во неколку различни ситуации. Редовно тестирајте дали детето може да ги искористи буквите и броевите во нови контексти (на улица, дома, во градинка). Вклучете теми и предмети што ги интересираат децата (возила, музика) за да направите учењето по мотивирачко.

Секое дете е уникатно и потребни се адаптации според индивидуалните потреби. За деца со АДХД: користете пократки активности, визуелни таймери и динамични промени во задачите за да ја задржите концентрацијата. За деца со говорни тешкотии: интегрирајте имитација, артикулациски вежби и алтернативна/поддржувачка комуникација (AAC) при поврзување на симбол со значење. За деца со моторни тешкотии: користете крупни моторни активности и адаптирани материјали (поголеми коцки, дебели моливи) за да ја олесните практичната примена.

Редовната проценка е важна за да се види дали механичкото знаење се трансформира во функционално. Се забележува дали детето може да го користи бројот/буквата во најмалку три различни контексти, се проценува дали детето може да објасни зошто ја користи вештината. Брзото усвојување на букви и бројки кај децата со аутизам претставува вреден ресурс. Нашата задача како професионалци и родители е да го канализираме тој ресурс кон функционални резултати, побогати комуникациски вештини, поголема самостојност и поактивно учество во секојдневниот живот. Механичкото учење не е проблем само по себе, проблем е ако остане единствениот резултат. Со систематски и тимски пристап можеме да го направиме преминот од паметење кон значајно знаење.

Дејан Филиповски

специјален едукатор и рехабилитатор

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.