Ова видео не е од руската инвазија на Украина, туку е старо две години
Како што пишува „Ројтерс“, видеото е лажно поврзано со кризата во Украина и е дел од руско шоу со авиони од 2020 година
Руската инвазија во Украина предизвика лавина од видеоматеријали на социјалните мрежи, но меѓу овие видеа има и такви кои не датираат од руската инвазија, туку од порано.
Таков е примерот со ова видео, за кое се тврди дека отсликува руски борбени авиони кои го надлетуваат Киев. Видеото е објавено на 24 февруари 2022 година, дента кога започнаа руските напади. Во текстот се вели дека руски борбени авиони од утрината (значи од 24 февруари 2022 година н.з), ја надлетуваат украинската престолина Киев, бидејќи Русија со високопрецизно оружје потполно го онеспособила украинскиот систем за воздушна одбрана.
Москва рано изутрина соопшти дека во текот се специјални операции против украинските воени бази, противвоздушна одбрана и други воени објекти. Видеото може да го погледнете на следниот линк, се вели во веста.
Меѓутоа, видеото од кое што има и илустрација односно фотографија не е од 2022, туку од 2020 година и не е поврзано со руската инвазија врз Украина.
Оргиналното видео е објавено на Јутјуб на следниот канал на 4 мај 2020 година.
Како што пишува „Ројтерс“, видеото е лажно поврзано со кризата во Украина и е дел од руско шоу со авиони од 2020 година. Насловот на оригиналното видео е Flyby Moscow што значи дека најверојатно е снимено во Русија, а не во Украина.
Дополнително, кога ќе се пребараат видеа на Јутјуб од 4 мај 2020 година, исто така, може да се пронајдат слични снимки, каде руски авиони ја надлетуваат Москва во слични формации како дел од вежби за денот на победата.
Со иста оценка истапија и проверувачите на факти на „Ју Ес Еј Тудеј“.
Оттука, оценуваме дека видеото објавено и претставено како да е дел од руската инвазија на Украина од 24 февруари 2022 година, не е од оваа година и не може да се поврзе со оваа операција, туку е од Москва од 2020 година.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар