Црногорскиот уметник Алдемар Ибрахимовиќ во Велес ја отвори првата изложбата насловена „Урбани кулиси“
Објавено: 3 октомври, 2025, во 15:31 часот
Црногорскиот уметник Алдемар Ибрахимовиќ, вчера вечер во Ликовен салон Велес ја отвори својата прва самостојна изложба во Македонија, претставувајќи 20 дела под наслов „Урбани кулиси“. Ова е значаен културен настан кој го збогатува уметничкиот простор во земјава, овозможувајќи им на љубителите на современата ликовна уметност да се запознаат со уникатниот израз на Ибрахимовиќ.
Изложените дела, создадени претежно во техника масло на платно, ја отсликуваат авторовата инспирација од урбаните пејзажи и архитектонски детали, преточени во интимни визуелни приказни. Со фрагментирани форми и суптилна игра со светлина, секоја слика ја носи атмосферата на минатото и личните спомени на уметникот, создавајќи емоционални „кулиси“ кои го поврзуваат човекот со просторот и времето.

-Во неговите дела честопати се среќаваат стари куќи, маала, улици и архитектонски елементи, кои се прикажани со одредена фрагментираност и поетска атмосфера.Тој не го пресликува надворешниот свет, туку создава внатрешни, интимни простори, инспирирани од личните спомени и од изгубените амбиенти на неговото детство .Интересно е да се спомене дека имињата на своите дела ги смислува во текот на процесот на сликање, размислува за времето во кое е роден и сегашното време, поврзувајќи ги, го завршува делото и на крај го дава името, рече Александра Гиовска кустос за историја на уметноста во Народен музеј Велес.

Инаку, неговите дела се наоѓаат во бројни приватни и јавни колекции, а со својата работа како педагог ги поддржува младите уметници и им го пренесува своето знаење и искуство.
Самостојно изложува на 48 изложби како во својата земја, така и во странство.
Стефани Манева
