(фото и видео) Изложбата „Бојата низ музика“ во чест на Ангел Петров посетена од голем број велешани
„Ангел Петров знаеше дека ако се тргне од поставката што ја застапуваше, дека цртежот е во бојата, на бојата и припаѓа приматот на сликата. Бојата е господар на сликата, со бојата може да се каже се. Се да биде натопено со боја, бојата да пее исполена со музика. „Бојата, тоа сум јас“, често велеше тој,„Јас сум следбеник на Делакроа“, со овие зборови, Ангела Донева ја отвори монографско ретроспективната изложба насловена како „Бојата низ музика“, со која се одбележа 90-тиот роденден на нејзиниот дедо, уметникот Ангел Петров.
Голем број на велешани, негови колеги, љубители на неговите дела, ниту летните високи температури не ги спречија да дојдат и да бидат дел од изложбата. Ликовниот Салон беше исполнет со насмеани лица кои внимателно ги разгледуваа делата на велешкиот уметник.
Низ годините, Петров секогаш ја имал најголемата поддршка од неговото семејство, тоа се потврди и вчера вечер.Три години по неговото заминување, вчерашната изложба во Велес, е трета организирана по ред и неговите дела се собрани во монографија којашто ќе остане.
Неговата сопруга, Светлана Петрова изрази голема благодарност до сите присутни граѓани и кажа неколку зборови за Петров и неговата љубов кон создавањето на делата, родниот град и татковината.
За време на настанот, од страна на фондација „Ангел Петров“ беа доделени и благодарници на сите поддржувачи на делата на Петров. Неговата сопруга истакна дека новинарите за Петров имале посебно место и затоа на сите велешки новинари поединечно им беа доделени благодарница. Исто така, благодарници беа доделени и на Градоначалникот на Општина Велес, Советот на Општина Велес, Гимназијата „Кочо Рацин“, Библиотеката „Гоце Делчев“, Народен музеј и други значјни велешки имиња.
Присутните на самиот крај имаа можност да го изгледаат и видео материјалот посветен на велешкиот уметник, да уживаат во изложените дела и да напишат свој впечаток за изложбата.
Стефани Манева