(фото и видео) Отворена изложбата „Јапонскиот лебдечки свет – УКИЈО-Е“ во Ликовен салон Велес
Изложбата на големите јапонски мајстори за дрворези кои го отсликуваат „јапонскиот лебдечки свет УКИЈО-Е“ од XVII и XVIII век, денеска, беше отворена во Ликовен салон Велес. Дваесет и седумте принтови од цртежи на најпознатите мајстори на дрворези од тој период предизвикаа особена интерес за велешани. Н.Е г-дин Казуја Оцука, Амбасадор на Јапонија, пред присутните се обрати на македонски јазик и рече дека народот од Јапонија и од Велес се пријатели многу години и имаат одлична соработка.
Шармот на „светот кој лебди“ кој е отслик на подемот на трговската класа во градот Едо, денешно Токио, во периодот од раниот XVII век и нивната хедонистичка филозофијата која ги подржува моментните на задоволства на животот, при тоа славејки ја убавината на месечината, снегот, црешовиотцвет или јаворовиот лист ќе допре до секој граѓанин којшто ќе ја погледне изложбата.
За време на изложбата, амбасадорот на Јапонија г-дин Казуја Оцука, пред присутната публика на гитара ја отсвири и велешката македонска народна песна „Елено ќерко Елено“ како и една јапонска композиција.
Инаку, ова е патувачка изложба којашто започнува токму денеска, од градот Велес и ќе продолжи во наредните три месеци во градовите Прилеп, Ресен, Охрид, Св. Николе, Виница, Неготино, Гевгелија, Богданци за на крајот да се врати во Скопје во месец јуни.
На самиот крај на изложбата беше организирана и работилница за ученици кои инспирирани од изложбата и со помош на својата имагинација ќе цртаат.
Изложбата е во организација на Музеум Линк раководена од Јасминка Намичева, Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ – Скопје, Музеј на град Скопје и ќе патува благодарение на од AOTS, ТЕП Раде Кончар и Амбасадата на Јапонија.
Стефани Манева