Градоначалник Колев: Од годинава „Новогодишен базар“ во Велес а вгодина возобновување на „Којнички средби“ и на „Културно лето“
![](https://duma.mk/wp-content/uploads/2023/11/Kolev-1024x683.jpg)
На јавната расправа што Општина Велес ја организираше по Нацрт програмите за работа во 2024 година, Градоначалникот Марко Колев, рече дека од година во година значително се зголемуваат финансиските средства и бројот на културни настани во Програмата за култура. Тој соопшти размислување за збогатување на оваа програма со уште три културни манифестации во 2024 година. Првата, „Новогодишен базар“, општината да започне да ја организира уште од оваа година со цел да прерасне во традиционална. Втората и третата, „Којнички средби“ и “Културно лето“ повторно организациски да се возобноват за исто така да станат традиционални манифестации.
„Станува збор за работи кои недостасуваат во текот на една година во Велес. Добро е да ги организираме и повторно да ги вратиме добро познатите „Којнички средби“ на Којник. Во летиниот период додека децата се на распуст општината да поддржи поголем број на културни настани во рамки на манифестација „Културно лето“. И секако оваа година, можеби за прв пат, во последните три или четири дена од календарската година ќе организираме „Базар“ за да стане традиција од наредната година. Не зборувам за дочек на Нова Година туку за неколкудневна манифестација која би започнувала во 12 часот и би завршувала во 20 часот, со содржини во Младински парк каде со скромна програма, традиционална велешка музика , како и со поставени тезги со пијалоци и производи поврзани со Нова Година да овозможиме на граѓаните уживање, спојување или меѓусебно зближување, рече Колев.
Градоначалникот додаде дека овие три културни настани тој ќе ги предложи на Совет на Општина Велес да влезат во Програма за култура за 2024 година. Исто така, за Програмата за култура за 2024 година првично се предвидени 9 милиони и 300 илјади денари.
Убавка Јаневска
![](https://duma.mk/wp-content/uploads/2021/05/SEMM.jpg)