Изложба „Визуелни таписерии“ на Славица Купенкова во Јуроп Хаус Велес
Купенкова преку изложбата насловена како „Визуелни таписерии“ ќе им понуди можност на велешани да патуваат низ енергичната и динамична сфера на урбаниот живот, снимена низ објективот на дигиталната уметност и илустрацијата.
„Во „Визуелни таписерии“, секое уметничко дело е единствена нишка во поголема наративност, што ја одразува повеќеслојната природа на урбаните средини. Од раздвижените улици до спокојните агли, парчињата ја истакнуваат убавината и сложеноста на градскиот живот, поканувајќи ги гледачите да застанат и да се вклучат во околината на нови начини. Преку употреба на смели бои, сложени дизајни и модерни техники, оваа изложба нуди визуелно искуство што резонира кај публиката од сите возрасти,“ пишува во поканата на авторката Купенкова.
Таа е стрип цртач, автор и илустратор на детски книги и на списанија. Цртежот и илустрацијата отсекогаш биле присутни во нејзиниот живот иако професионалната кариера ја започнала во 2020 година. Во нејзиното портфолио пишува дека на XVIII Меѓународен салон на стрип „Велес 2021“, како дел од проектот „Can for Balkans“, Купенкова добитник е на наградата за „Најдобар дебитантски стрип“ и една година подоцна на специјално признание од италијанскиот Амбасадор по повод манифестацијата „Денови на италијанскиот стрип“, за изработка на плакат. Исто така, Купенкова е добитник на едно од петте специјални признанија доделени од меѓународно жири за стрипот „Одисеја“.
Изложбата „Визуелни таписерии“ на Славица Купенкова ќе се одржи, утре, петок, 1 ноември со почеток во 13:00 часот во Јуроп Хаус Велес.
Убавка Јаневска