Културна есен во Кавадарци
Силви бенд со мјузиклот Коштана ја отвори кавадаречката културна есен. Изведбата на Силви на градскиот плоштад ги воодушеви граѓаните.
Возрасните се потсетија на својата омилена книга, а помладите со особен интерес се запознаа со некогаш многу познатото дело, читано од нивните баби и дедовци. По брилијантната изведба на Силви бенд следеа настапите и на балетското студио Венус, како и на фолклорниот ансамбл Тиквеш. Годинава манифестацијата Кавадаречка културна есен ја отвори претседателот на кавадаречкиот совет, Илија Тренчев.
Градоначалникот Александар Панов, рече дека Кавадарци е единствениот град во државата кој има културна есен, посветена на завршницата на лозарските работи во Тиквешијата. Токму кога се слободни лозарите можат да ги следат културните настани и се разбира, да се релаксираат по напорната работа, рече Панов.
Шеесетина дена во Кавадарци ќе се случуваат бројни културни настани кои ќе бидат продолжување на богатата летна понуда составена од Т`к так фест, ликовната колонија Кавадарци-Михајлово, џез фестивалот и тиквешкиот гроздобер.
