Нов македонски Вундеркинд: Има само седум години и црта како професионалец!

Објавено на 13 октомври, 2012 во 22:58

Талентот за цртање и цртежите  што ги создаде креативната мисла на Лука Мидовски го направија ѕвезда на вечерта во која свечено беше отворена манифестацијата  10 –от Салон на стрип, Велес 2012 -та.

Умниот и талентиран мудрец од чија рака се создадени бројни цртежи со детски јунаци ги освои сите присутни љубители и почитувачи на овој вид уметност. Лука ја прими наградата за најмлад стрип цртач на манифестацијата и  гордо застана до најуспешните македонски автори и стрип цртачи од Балканот,  а со детската искреност,живост и енергичност го плени и италијанецот Мауро Лауренти, автор на најпознатиот светски стрип лик, Загор. Присутните заслужено го наградија Лука со овации и аплаузи.

 

А тој не се исплаши ни од камерите, микрофоните, диктафоните ниту од новинарите туку веднаш почна да ја раскажува својата приказна како почнал да ги создава своите стрип јунаци.

„Лука, што досега ти имаш цртано?

Досега јас имам цртано змејови, диносауруси, херакли и автомобили.

Од сите нив кого најмногу и зошто сакаш да го црташ?

Најмногу сакам да цртам змеј затоа што ми е најомилен лик, кој никогаш не постоел.

А страшен ли е ликот на змејот?

Да страшен е.

Ти се плашиш од него?

Не, затоа што тој не постои, измислен е,“ рече Лука Мидовски.

Ова талентирано дете почнало да црта на три годишна возраст. Првите почетоци му се поврзани со анимираните детски серии особено анимираниот филм „Карс“ што преведено на македонски значи автомобили. Горда на својот син и секако на талентот што го поседува, мајка му на Лука, ја раскажа приказната за почетоците на малиот мајстор.

„ Во последно време црта змејови и митолошки суштества, а во претходната фаза најчесто црташе  диносауруси, поточно нив ги црташе следејќи го развојот на земјината топка, од почетоците па се до изумирањето на диносаурусите.   Воопшто немаше некакво посебно откривање на талентот бидејќи Лука од мали нозе посегна по моливот и почна сам да црта без било каква сугестија, помош или пак инсистирање од нас. Значи целиот негов ликовен порив е самоиницијативен без ние да го бараме тоа од него“ рече Анита Василкова Мидовска.

Предност за Лука е домашната библиотека во која има доста литература поврзана со историјата, со човекот и уметноста, од каде тој ги црпи инспирациите.Се што треба е да продолжи да го развива талентот, рекоа за Лука, познати стрип цртачи. Со среќа, мал мајсторе на големиот јунак, Стрипот!

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.