Изложба на велешкиот Архив: За првпат објавени значајни документи!

Објавено на 23 октомври, 2012 во 14:54

Поштенска картичка со цртан приказ од изведувањето на Солунските атентати како и оригиналните пасоши на таткото и мајката на велешкиот гемиџија Константин Кирков се само два документи од околу сто и триесетте кои за првпат на изложба ги објави одделението во Велес на Државниот архив на Македонија.

Пасошите на Киркови се пишувани на турски и на француски јазик. Двата документи се стари еден век и се чувале во депото на Архивот во Велес заедно со други вредни документи за македонската национална историја од Вардарскиот регион, вели авторот на изложбата Слободан Ников.

„Освен картичката и пасошите на Киркови, додека истражував исто така дојдов до многу интересни документи и фотографии собрани од Вардарскиот регион. Како пример ќе го посочам прогласот од 1941 година кој се однесува на одбележувањето на 38-та годишнина на Илинденското востание напишан од  двајца велешани, Благој Хаџи Панзов и Милан Шурков. Тоа е интересен документ затоа што во неговиот текст, значи уште во 1941 година повеќе пати се користи зборот македонски народ“, вели раководителот на одделението во Велес на Државниот Архив, Слободан Ников.

Ников истражил бројни фотографии и материјали собрани од Вардарскиот регион. Тие потекнуваат од периодот на Отоманската империја и Илинден, преку Српската и Бугарска окупација, НОВ, бегалската голгота на Македонците од Егејска Македонија се до осамостојувањето на Република Македонија.

„Ова е една документирана едукативна изложба која говори за историските процеси кои се случувале во Вардарскиот регион од средината на 18 век до денешно време се до 1991 година. Неа ја подготви раководителот на одделението на Државниот Архив во Велес, Слободан Ников кој успеал да ги истражи, издвои и презентира најзначајните документи, фотографии и друг илустративен материјал од овој Вардарски регион. Преку вакви едукативни изложби се запознава историјата на својот град и на македонскиот народ низ македонските историски процеси, “ рече директорот на Архивот на Македонија Зоран Тодоровски.

Изложбата со наслов „Вардарскиот регион низ документите на Државниот Архив“ е поставена во Ликовниот салон по повод 23 октомври, денот на Македонската револуционерна борба.

 

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.