Во Љубљана претпремиера на претставата „Чекори кон Европа, Македонија – Словенија“
Објавено: 24 ноември, 2013, во 22:25 часот
Носталгични солзи, емотивни реакции и копнеж по родната грутка покажаа вечерва Македонците кои живеат во Словенија на претпремиерната изведба на преставата.
Младите актери од велешката театарска трупа „Словото“ заедно со актерката Весна Димитрова Бобевски настапија на камерната сцена во салата „Складовница“ во центарот на словенечката метропола.
Преку љубовта на Македонка и Словенец, кои се запознале во Постојнска јама, публиката го доживеа спојот и разликите на двете култури, традиции и фолклор. Младите актери низ различни сцени прикажаа и спој на современата култура, уметност, танц и поетска реч. Најмладите учесници во преставата ги насмеаја до солзи посетителите преку сценска игра а извонредното говорење на словенечкиот јазик предизвика овации и аплауз.
– Со силно чувство на одговорност и возбуда а веројатно и на љубопитност како публиката ќе го доживее овој спој на двете култури ја одигравме преставата. Не беше едноставно и рамнодушно да се излезе, да се застане пред таа публика и да се стави потпис на еден ваков проект. Им благодарам на сите кои на разни начини помогнаа и допринесоа оваа претстава да го има ова живеење во двете земји, рече Димитрова Бобевски, по настапот.
За возбудата да биде поавтентична на сцената веројатно допринесе денешната посета на младите актери на Постојнска јама. Таму младиот актер Стефан Николовски ни рече дека сега дел од репликите навистина ги доживеал.
– Сега возбудата ми е посилна, пештерава предизвика неверојатни емоции и кај мене. Почувствував како се родила љубовта меѓу двајца туѓинци и секако првиот бакнеж, воздишките и нежноста што си ја подариле меѓу себе во еден ваков, поинаков, подземен свет во кој ниту една љубопитна ѕвезда никогаш не ѕирнала, рече Николовски.
Утре велешката трупа „Словото“ќе настапи пред своите врсници во две училишта во Љубљана. Потоа е планирана и посета на Блед.
Oд Словенија
eкипа на Дума.мк

