Премиера во велешки Театар – претставата  „Затворенички“ во режија на Елеонора Теова

Објавено: 7 мај, 2026, во 10:03 часот

Претставата „Затворенички“е крик против тишината што убива, напиша режисерката Елеонора Теова пред премиерното прикажување на сцената на велешки Театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ закажано за утре, петок, 8 мај, со почеток во 20:00 часот.

Според Теова во општество, во кое вестите за фемицид и насилство врз жените стануваат застрашувачко секојдневие, театарската претстава „Затворенички“ не нуди утеха, туку соочување. Создадена како колективно авторство, претставата носи на сцена три жени. Три различни приказни. Три борби за опстанок. Силни, но оттурнати. Оставени без поддршка, без заштита, без систем што ќе застане зад нив — тие се приморани сами да ја преземат контролата врз сопствениот живот, по цена што ги доведува зад решетки.

„Но затворот не е крај — тој е продолжение. Во затворскиот простор, насилството не исчезнува. Само ја менува формата. Преку односот со стражарот и системот што повторно ги остава без глас и без права, „Затворенички“ ја разоткрива суровата вистина: дека за многу жени, безбедно место не постои — ниту надвор, ниту внатре. Оваа претстава не е само приказна. Таа е прашање упатено кон сите нас:
Колку уште ќе молчиме пред да биде предоцна? Со „Затворенички“, нашата намера не е само да прикажеме реалност, туку да придонесеме за промена. Да отвориме простор за гласност, за одговорност и за систем во кој жените ќе бидат заштитени пред да станат статистика. Затоа што секоја тишина има цена.
И затоа што ова не е само нивна приказна — ова е приказна на едно општество што мора да се разбуди,“ додава Теова.

Во претставата улогите ги толкуваат актерите Сандра Танчева, Јанка Лефкова, Кире Ацески и Димитрина Мицкоска.

Костимографијата е на Катерина Чукниева, сценографијата на Филип Коруновски, сценските движења и кореографија на Кренаре Невзати – Кери додека автор на сонговите е Сашко Костов и на фотографијата Крсте Шупев

Првото репризно прикажување на „Затворенички“ е закажано за сабота, 9 мај, со почеток во 20:00 часот.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.