Македонскиот стрип центар – Велес публикуваше нови три стрип книги
„Мечкин камен –Карпош“ од Миле Топуз, „Кико и Веки и вселенските гусари“ од Јордан Манасиевски и „Македонски стрип алманах 2023“ од група на автори, се трите нови стрип книги коишто Стрип центар на Македонија – Велес ги публикуваше.
Програм координаторот Томе Трајков, рече дека се работи за изданија од различен жанр и различни генерации на автори.
– Миле Топуз којшто е еден од најплодните македонски стрип илустратори, продолжува со обработка на тема од македонската историја. Имено , меѓу другото тој досега има публикувано и стрипови за : Хацон, крал Пребонд, цар Самоил, Климент Охридски, Гаврил Радомир, Ѓорѓи Војтех и други. За својата долгогодишна дејност во областа на стрипот, тој е добитник на признанието за развој и афирмација на македонскиот стрип „Љупчо Филипов“ доделено од Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес. Јордан Манасиевски пак е ликовен уметник од Охрид со светско реноме кој преку своите уметнички дела ги афирмира охридските и македонски вредности пред светот. Во оваа стрип книга е вметнат само дел од опусот со споменатите јунаци коишто ги обработува уште од 1981 година. И на крај , стрип книгата МАКЕДОНСКИ СТРИП АЛМАНАХ 2023 –Група на автори е резултат на повеќегодишното издание -континуитет на идејата на стрип центарот за афирмирање на претежно млади , македонски стрип автори, додаде Трајков.
Во овогодинешниот Стрип алманах се претставуваат : Васко Гаврилов, Ѓургица Варела , Јана Бутеска, Ана Марија Стефаноска, Мартина Величковска, Оливер Цветковски, Тоде Блажевски. Сибел Исмаилова,Илко Стојановски, Ване Трајков и Исток Ситар од Словенија како гостин.
Инаку, овие нови изданија на Македонскиот стрип центар Велес се дел од годишната програма на Министерство за култура на Македонија во областа на литературата и издавачката дејност.
Стефани Манева