Објавен меѓународен конкурс за стрип „Велес 2024“
Како активност за време на традиционалниот 21 Меѓународен стрип салон „Велес 2024“, којшто претставува најзначајна стрип манифестација во државата и финансиски е поддржан од Општина Велес и Министерство за култура, објавен е меѓународен конкурс за стрип „Велес 2024“.
Право на учество имаат сите автори од цел свет, без разлика на полот и годините. Темата на стрипот е слободна и секој автор може да учествува само со еден стрип без разлика дали е цртач, туш или колор, освек за сценаристите каде се дозволува едно лице да направи сценарио за повеќе стрипови.
– Должината на стрипот да биде од 1 до 6 табли, и тоа на А4 формат (мин.300дпи ако се испраќа по електронски пат). Доколку стрипот е на една страна треба да биде со најмалку 5 сликички. Стриповите нема да бидат вратени. Со самото испраќање организаторот се стекнува со право да ги објавува и презентира заедно со авторите во склоп на промоција на своите активности. На еден стрип можат да работат повеќе автори но да наведат кој што направил: сценарио, молив, туш. Заедно со стрипот да се испрати лична биографија (име и презиме со фотографија, датум на раѓање, адреса и држава од каде е авторот, е-маил како и година кога е стрипот нацртан. Исто така на сите стрипови треба бидат наведени авторите како и називот на стрипот. Пристигнатите стрипови, без овие информации, нема да бидат земени во предвид за награди. Стриповите од македонски автори пожелно е да бидат на македонски јазик и кирилско писмо. Сите пристигнати стрипови ќе бидат земени во конкуренција за изложување во склоп на изложбата на Салонот на стрип ВЕЛЕС 2024 со реална можност за друг вид на промоција, соопштија од Стрип центар на Македонија – Велес.
Оттаму додаваат дека пристигнатите стрипови на конкурсот ќе бидат разгледани од тричлена комисија која што ќе направи избор и ќе ги предложи следните награди:
• Прва награда, 300 ЕУР – ”Златен стрип”, изданија и диплома за прво место.
• Втора награда ”Сребрен стрип” и диплома за второ место.
• Трета награда,”Бронзен стрип” и диплома за трето место.
• Награда за најдобро сценарио, диплома.
• Награда за најдобар млад автор до 18 години, диплома.
• Други специјални награди.
Стриповите може да се испратат на адреса, поточно адресирано до Стрип Центар на Македонија – Велес означено (за конкурсот) на улица Васил Ѓоргов бр. 78, 1400 Велес. Од организаторите апелираат да се испратат преку Eco Logistic. Исто така, стриповите може и да се испратат на маил – [email protected].
Рокот за пријавување е до 01.08.2024.
За повеќе информации заинтересираните може да се јават на горенаведениот маил или на телeфонскиот број +3897886732729.
Стефани Манева