Пензионираниот актер на велешки театар Јордан Витанов: „Oд Прличко се учи како да се сака професијата“

Собеседник на македонската и југословенска актерска легенда Прличко на театарските штици, колега во две театарски претстави од кои една е незаборавната „На сечило“, пријател и сограѓанин по родното место на големиот македонски театарски уметник. Актерот и режисерот Јордан Витанов на присутната публика вчеравечер и пренесе сеќавања од професионалната соработка со Петре притоа ставајќи акцент на посветеноста и на енергијата на големиот уметник од кој генерации на актери учеле како се сака професијата.
-Една ситуација ми остана длабоко во сеќавање.Претставата „Чорбаџи Теодос“ во која јас не играв, бидејќи тогаш имав амбиции да бидам економист но бев само инспициент, кога по една проба, откако сите заминаа, останавме само ние двајцата во старата театарска зграда, тој со страс на огромна посветеност и јас додека двајцата сецкавме ливчиња за сценографија од едно платно, за сцената на фамозното „лозје на Арсови“. Во тој момент не ми беше многу интересно, но како минуваа годините сфатив каква посветеност имаше во него, во актерот, кој иако ги имаше добиено сите домашни и југословенски награди и признанија, заедно со мене во една стара зграда подготвуваше сценографија на престава којашто тој ја играше повеќе од 800 пати. Од Прличко можеше да се научи како да се сака својата професија. Генералната порака којашто јас ја добив од него е дека ако си ја сакаш работата, треба да си ја сакаш и да ја сработиш максимално добро. Се надевам дека од неговата енергија ние, сегашните и идни генерации ќе учиме и ќе и овозможиме на публиката да ја почуствува таа енергија, додаде Витанов.

На Витанов наградата за животно дело „Петре Прличко“ му беше врачена вчера вечер на големата сцена на Театар „Јордан Х.К Џинот“ на отворање на вториот фестивал „5ре“. Пред свеченото врачување,во името на жири комисијата во состав Игор Џамбазов, Дејан Дамјановски и Талија Настова, токму актерката Настова соопшти зошто едногласно ја донеле одлуката токму Витанов да биде годинешен добитник на престижната награда.
– Неговата четири децениска творечка дејност на театарската сцената во Велес но и низ цела Македонија, реализирајќи повеќе од 100 улоги, од кои повеќето главни, како и неговата појава и енергија на сцената и несомнениот актерски талент не оставиле никого од публиката рамнодушен. Витанов своите актерски квалитети ги покажал на полето на филмот и телевизијата во улоги коишто остануваат запаметени и сакани од страна на публиката. За својот актерски труд тој има добиено бројни домашни но и меѓунаордни награди, како и статус првенец на театарот „Јордан Х,К Џинот“. Поради овие причини но и многу други активности со кои придонел кон развој на театарската уметност во земјава, ја донесовме одлуката оваа награда да му се додели на Јордан Витанов, додаде Настова.
Наградата на годинешниот лауреат му ја додели градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев заедно со претседателот на Советот на Општина Велес, Зоран Љутков.

Појавата на Јордан Витанов на сцената на театарот предизвика громогласен и долг аплауз од страна на публиката која почувствува дека повторно треба да го награди омилениот актер како и за време на бројните претстави којшто ги играше на театарските штици на својот матичен театар.
Стефани Манева
