Промовирана книгата „Велес за време на Балканските и Првата светска војна (1912-1918)“ на Д-р Ѓорѓи Малковски (фото и аудио)
Првата и единствена книга напишана и објавена за Велес во Балканските и Првата светска војна, денеска, беше промовирана пред многубројна публика во Ликовен салон Велес. Во книгата се користени само материјали од периодот на Балканските и Првата светска војна, коишто се наоѓаат во архивите во Бугарија, во Белград, Скопје и Велес.
Промоторот на книгата проф. Д-р Стефан Влахов Михов, својата рецензија ја наслови „Енциклопедија на Велес преку зборови и слики“, бидејќи авторот Малковски во својата нова книга вклучил 261 оргинални и до сега не објавени слики за Велес и велешани од сите аспекти на нивниот живот и во мирно и во воено време.
Авторот на книгата Д-р Ѓорѓи Малковски, околу 10 години ги собирал потребните податоци, тој рече дека од ослободувањето на Велес, ова е првата книга, којашто со користење на документи, стари книги и факти е обработена и објавена.
Издавач на книгата е Институт за национална историја од Скопје и дел од средствата се финансирани од Министерство за образование и наука.
Денешната промоција свечено ја отворија „Распеани пензионери“ од Велес со песната „Налеј Налеј“.
Стефани Манева