Само две премиери и фестивалот „Стоби“ на велешки театар, годинава, финансирани од министерство, но со скоро преполовени буџети

Министерството за култура, годинава, ќе финансира само две од вкупно аплицираните четири проекти на велешки театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“. Велешката Национална установа на повикот конкурираше со претставите „Едвард втори“ на авторот Кристофер Марлоу, во режија на Андриј Жолдак, „Лепа Ангелина“ на авторот Благоја Ристески Платнар во режија на Љупчо Георгиевски, „Ноќ спроти Водици“ на авторот Вилјам Шекспир во режија на Ненад Витанов и „Првородениот“ на авторката Ева Камчева во режија на Ѓорги Ризески.
Според одлуката на комисијата за Драмска дејност, годинава, со финансиски средства на министерството велешки театар ќе подготви само две театарски претстави „Едвард втори“ со поддршка од 2 милиони денари и „Лепа Ангелина“ за која се одобрени 700.000,00 денари. Но овие финансиски средства не ги покриваат целосно трошоците за подготовка на премиерите туку изнесуваат околу 60 % од вкупните буџети на проектите кои беа аплицирани од страна на велешки театар на конкурсот на министерството.
Една третина помалку финансиски средства од побараните се одобрени и за реализација на Интернационален фестивал на античка драма „СТОБИ“. Финансиската поддршка изнесува 600.000,00 денари. Оваа сума на пари се повторува со години наназад.
Како што дознава Дума.мк сепак велешки театар нема да отстапи од планираните четири театарски премиери во 2023 година. Дополнително ќе одлучи кои две театарски претстави ќе ги подготви со сопствени средства освен финансираните од Министерство за култура.
Убавка Јаневска
