Сеќавање: 15 години без Тоше Проески (фото+видео)
Со извонредна интерпретација на незаборавните стихови од песната „Немир“ на Тоше Проески денеска започна сеќавањето на македонската музичка легенда од страна на гимназијалците во Велес. Пред споменикот на нивниот патрон група ученици, најголем дел од нив иницијатори на одбележувањето на 15-те години без Тоше прикажаа зошто ја сакаат неговата музика и го почитуваат како македонска музичка легенда. Одлично избраните музички нумери коишто учениците ги отсвирија и отпеаа се дел од мисијата на нивниот обожуван идол затоа што тие повикуваат на љубов, на простување и во себе ја содржат човечката доблест на помош и на хуманост едни кон други, луѓе кон луѓе.
А се започнало пред десетина дена кога ученикот Филип Настов иницирал поголем број на соученици токму денеска на годишината од трагичното загинување на Тоше во нивното училиште да биде реализиран настан во кои освен музиката ќе се реализираат и дополнителни креативни содржини. Така денеска на платото пред спомен бистата на Кочо Рацин, младите ги покажаа своите уметнички таленти на начин на коишто едни музицираа, други пееа, трети сликаа, четврти рецитираа а сите заедно се погрижија во каса за донации да биде собрана парична помош што потоа општинската организација на Црвен Крст Велес на семејство на коешто му е потребна помош. Така учениците успеаа да ги спојат сите карактерни особини на човекот познат дома и во странство по своите доблести како што е хуманоста и вљубеноста во музиката.
Овој настан освен вниманието на учениците на СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ го привлече вниманието и на учениите од ООУ „Блаже Конески“ како и на бројните граѓани коишто случајно минуваа по тротоарот и во паркот каде дрвјата цреши засадени пред повеќе од една деценија секојдневно ги потсетуваат велешани на ликот и делото на Тоше Проески. И беше убаво денеска да се биде дел од овој настан којшто љубопитно го проследија поголем број на граѓани. Затоа гимназијалците велат дека тоа ги поттикнува да го подготвуваат секоја наредна година за да прерасне во традиционален.
Стефани Манева
фото и видео: