Велес по втор пат домаќин на театарскиот фестивал „5-ре“, актерската награда за животно дело во рацете на Јордан Витанов
Театарскиот фестивал „5-ре“ во чест на великанот Петре Прличко, втора година по ред, ќе се организира во Велес. Од 15 до 21 мај, годинава, велешани ќе имаат можност да уживаат во најпопуларните претстави и актерски ѕвезди. Осум претстави помеѓу кои и една за деца ја збогатуваат програмата на овогодинешниот театарски фестивал.
Велешкиот актер и организатор на фестивалот Жарко Спасовски на денешната прес конференција рече дека претходната година на овој фестивал поминале скоро сите генерации бидејќи Петре Прличко бил и останал миленик на сите нив.
-Отворањето на театарскиот фестивал ќе биде во понеделник, 15 мај, со најновата комедија на Драмскиот театар од Скопје „Кафез кај Кокони“ во режија на Димче Николовски, премиерата им е сега на 13 и имаме чест што првата реприза ќе биде одиграна на овој фестивал. Во вторник, продолжуваме со Театар комедија со преставата „Илуминати“ којашто е уникатен спој на трилер, акција и комедија од специјалистите за комедија под режија на Синиша Ефтимов. Во среда, „Каква ти е жената, таков ти е животот“, како втора година пробуваме да го направиме на еден начин и интернационален фестивалот бидејќи балканската ѕвезда Драган Маринковиќ Маца, кој на негов уникатен и духовит начин ќе ги анализира модерните љубовни врски. Во четврток, комедијата „Секс и лаги“ која ќе ве воведе во светот на интригите, љубовта, страста, моралот, вистината и лагата. Во петок, 19 мај, хит преставата од охридскиот театар за која се бара влезница повеќе, „Енергични луѓе“ во режија на нашиот драг колега и сограѓанин Александар Ивановски. Во сабота, ултра популарната комедија за способноста на еден човек да направи хаос во животите на многу луѓе насловена „Ле кретен“ во режија на Никола Ристов којшто на велешани им е познат преку преставите „Бетија“ и „Мушичка“. Сите претстави се со почеток во 20:00 часот и ќе бидат одиграни во велешкиот театар. Инаку, во придружата програма се ставени две престави и тоа во сабота, Театарска претстава за деца од театарот познат по македонските народни приказни – Театар Колозов насловена „Сказна за рибарот и рипката“ со почеток во 12:00 часот и во недела свечено затворање на фестивалот „5РЕ“ со мајсторот на имитациите Жарко Јовановиќ „Јас сам а тие 20“ со почеток во 20:00 часот. Детската престава и станд ап-от на Жарко Јовановиќ ќе бидат бесплатни за сите граѓани и ќе се одиграат во амфитеатар, додаде Спасовски.
Градоначалникот на Општина Велес Марко Колев ги покани сите велешани да го посетат фестивалот и заеднички да се гледаат сите претстави.
-Овој фестивал се организира втора година по ред. Советот на Општина Велес и јас претходната година ги поставивме темелите на овој фестивал којшто беше прифатен од сите генерации, се бараа карти плус со цел најпопуларните престави да бидат гледани. Би сакал и оваа година да биде така и фестивалот да стане традиција. Здравје и кога ние нема да бидеме на овие позиции фестивалот да продолжи. Да се смееме, да се дружиме, културата да ја подигнеме на повисоко ниво бидејќи сите културни манифестации коишто ги организира Општина Велес ги зближуваат луѓето, без разлика на тоа кој од која националност е, која политичка партија ја поддржува и разликата во возраста, додаде Колев.
На првата вечер, ќе биде доделена и традиционалната актерска награда за животно дело Петре Прличко којашто оваа година ќе биде во рацете на велешкиот актер Јордан Витанов. Тој е во пензија но се уште е активен во театарот. Наградата изнесува 30.000 денари и плакета.
Билетите за сите претстави по цена од 200 денари од денеска се пуштени во продажба и истите можат да се резервираат и купат од билетарата на велешкиот театар. Исто така, постои опција и за блок влезници за цел фестивал.
Основач и покровител на фестивалот е Општина Велес со финансиска поддршка од 800 илјади денари, организатор е здружението со делегирана надлежност „Плус публика“ Велес и истиот е поддржан од повеќе спонзори.
Стефани Манева