Велешанецот Атанас Крлевски ја промовираше првата хаику поезија за деца во Македонија насловена „Смајли во снегот“ (фото)

Објавено на 13 април, 2023 во 10:30

Педесет и три хаику песни и исто толку хаиги со цртежи, акварели и графики содржи книгата „Смајли во снегот“ којашто е напишана од Атанас Крлевски и вчеравечер беше промовирана во Ликовен салон во Велес. Хаику претставува кратка јапонска поетска форма, поточно песна составена од три стиха со вкупно 17 слога, додека хаига е стил на јапонско сликање и поврзување на хаику песната со фотографија коишто за читателот и гледачот претставуваат вербално и визуелно доживување на моментот.

Рецезентката Лили Арсова, рече дека покрај промовирањето на оваа книга се запишува и историјата, бидејќи е прва книга во државата којашто е хаику поезија за деца.

-Драги ученици, драги ментори, драг Атанас, историскава книга е пред нас. Хаику поезијата можеби е тешка да се разбере од прва, меѓутоа доколку се задлабочите, ќе ја засакате. Милиони поети од целиот свет пишуваат хаику, а од шеесетите години на минатиот век и кај нас неколку поети го живеат својот хаику живот. Меѓу нив, од пред четири години е и Атанас Крлевски. Тој во 2018 година го издаде своето хаику првенче за возрасни насловено „На прв поглед“. Четири години подоцна тој ја издава оваа книга во која има храброст хаику песните да ги претстави со ликовни дела инспирирани од песните и тие да бидат изработени од деца. Се вели дека оној кој ќе создаде три или пет хаику песни е хаику поет, оној што ќе напише 10 е мајстор а скромноста е доблест на нашиот Атанас и затоа не мислите дека тој се смета за хаику поет, јас велат Атанас е хаику мајстор, додаде Арсова.  

-Со оваа промоција го обележуваме и Денот на хаику – 17 април. Овој пат Крлевски ни се претставува како хаику поет, како автор на еден не толку познат литературен вид. Но исто како и во афоризмите и со хаику поезијата со малку се кажува многу. – посочи директорката на библиотеката „Гоце Делчев“ Снежана Бошевска.

Авторот Крлевски заблагодарувајќи се пред многубројната публика за нивното присуство, откри од каде идеата за пишување на оваа хаику поезија.

-Пред една година ја напишав книгата хаику за деца и ја именував „Смајли во снегот“ бидејќи хаикуто го доловува моментот. Кога ќе го доживееш тоа што се случува во природата, во тој момент се просветлуваме, тоа ни дава радост и не тера да размислиме што природата не учи нас. Оваа книга ме врати во средношколските денови, кога имав напишано две – три песни хаику. Хаикуто е многу раширена форма во светот и многу луѓе пишуваат но за возрасни, за деца оваа поезија е многу ретка. На прв поглед хаикуто е тешко и неразбирливо, на втор е веќе разбирливо а ако е во форма и на хаига па да се објасни и со цртеж тогаш е многу разбирлива и премногу лесна поезија, додаде Крлевски.

Сите 53 хаиги во книгата се изработени од ученици од СОУ „Ацо Русковски“ Берово, под менторство на нивниот професор по ликовна уметност Слободан Пандов како и учениците од ООУ „Васил Главинов“ од Велес под менторство на нивната наставничка по ликовна уметност Снежана Стефановска. На самиот крај од промоцијата на книгата беше отворена и изложба со сите хаиги.

Инаку, со музички настап промоцијата ја отвори Jaна Шеќерова од музичкото училиште „Стефан Гајдов“ а за време на промоцијата дел од хаику песните ги читаа ученици од ООУ „Св. Кирил и Методиј“ Велес.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.