Велешката библиотека одбележа 120 години од смртта на Гоце Делчев (фото)
Локалната библиотека „Гоце Делчев“ во Велес, денес, во медијатеката со културен настан одбележа 120 години од смртта на својот патрон, Гоце Делчев. Со положување на свежо цвеќе пред бистата на Гоце Делчев започна манифестацијата, по што беше прикажан видео запис преку кој се испрезентира работата на библиотеката.
Директорката на библиотеката Снежана Бошевска им се заблагодари на сите поранешни и сегашни вработени кои придонесуваат за развој на институцијата и желбата којашто ја вродуваат кај младите за книгата.
-Наша цел е да имаме задоволни читатели како од детскиот така и од одделот за возрасни. Секоја година добиваме нови интересни наслови и ја збогатуваме нашата библиотека. Всушност библиотеката е место кадешто човекот го храни својот ум. Моментално броиме околу 6.000 членови и имаме над 100.000 книги, додаде Бошевска.
Културниот настан продолжи со дел од монодрамата „Мајката на Делчеви“ која го изведе велешанката Весна Димитрова – Бобевски. Потоа, беа доделени награди и благодарници на учесниците од литературниот конкурс а со неколку музички точки се претставија и Филип Арилон и Илија Настовски.
Инаку, за време на настанот беа изложени осум портрети на Гоце Делчев од велешкиот академски сликар Ангел Петров. Неговата сопруга на самиот крај, едно од делата го подари на градската библиотека.
Локалната библиотека на своите долгогодишни соработници им додели благодарници.
Стефани Манева
фото галерија: