Во Амфитеатар на Младински парк, вечерва, концерт на староградска музика
Повторно на сцената на велешки Амфитеатар ќе застанат музичарите на традиционалните староградски македонски инструменти, какви што се чалгиските инструменти, џумбуш, ут, виолина, кларинет, тарабука,хармоника и дајре заедно со пејачки групи за да ги изведат најубавите македонски песни. По 20 пат во градот, надалеку познат по чалгаџиската музика и староградските песни, Ансамбл „Распеани Велешани“ одржува целовечерен концерт.
Освен домаќините гости на концертот годинава ќе бидат „Распеани Валандовчани“, „Распеани Гевгеличани“ и „Распеани Радовишани“.
-Ги покануваме на „Вечер на староградски песни Велес 2024“ сите граѓани на Велес, без разлика на возраста, да поминат дел од претпразничната вечер со ентузијастите кои го одржуваат овој дел од музичките вредности на нашата држава. Чалгии од четири градови заедно со пејачките и пејачите на ансаблите ќе изведат најпознати староградски македонски песни, рече Илија Смилев раководител на Ансамбл „Распеани Велешани“.
Концертот, ќе се одржи вечерва, сабота, 7 септември, со почеток во 20:00 часот.
Убавка Јаневска