Китев: „ Дајте подршка за изградба на новото лице на Кавадарци“!
Кандидатот за градоначалник на „Сојузот за иднината“ Бетиан Китев на прес конференција се осврна на инфраструктурните проектите кои ќе ги рализирал доколку ја добиел подршката од граѓаните. Ја обвини власта дека само ветувала, а ништо не исполнувала, затоа први април требало да се прогласи за ден на ВМРО-ДПМНЕ.
„ Станаа мајстори за помпезни најави на фамозни проекти кои не вредат повеќе од 2000 евра. Самата реклама на проектот која ја плаќаат од наши пари вреди многу повеќе од проектот со кој сакаат да купат ситни политички поени. Се надминаа себеси во создавањето пропаганди кои понатаму ги шират и не трујат преку нивната машинерија, загадувајќи ги и конвенционалните и новите медиуми. Први април треба да биде прогласен за ден на ВМРО-ДПМНЕ. Лагите се нивна персонификација. Тие се олицетворение на посесивно компулсивно манипулативно патолошко лажење во кое по одредено време и самите почнуваат да веруваат. Каков центар на лозарството сме ние, каков бастион на виновата лоза е нашиот Кавадарци и како Општината мисли дека го промовира градот кога сите влезови се калдрми и калишта.“ рече Китев.
Тој се осврна на, како што рече, не средените влезови и излези во и од Кавадарци.
„Зарем не е срамно во 21 век некој да зборува за сестран развој и прогресивност, за тоа како гради до бесвест, а излезот на градот кон Скопје е дупка до дупка како швајцарско сирење? Каква е таа локална самоуправа која зборува за тоа како тие сакаат да направат регионален центар од Кавадарци, а нема ниту со прст мрднато за да ги среди влезовите на градот кои го оставаат првиот впечаток за секој еден кој поминува низ него.
Ниту од левата ниту од десната страна нема направено одвод за атмосферските води. Ниту има соодветна вертикална ниту пак хоризонтална сигнализација. Патот нема банкина, безбедноста е на најниско можно ниво, а кога паѓаат дождови, овде има слој калишта која се спушта од околните ниви и лозови насади кои се наоѓаат покрај самиот пат. Истата слика е низ целиот град а особено во новото централно подрачје. Кружниот тек за време на дожд и снег се претвара во езеро. Доколку пак погледнеме на другата страна, на излезот од Кавадарци према Неготино, сликата е уште по катастрофална. Глишиќ нема никаков капитален проект. Не постојат никакви објекти кои би значеле чекор кон обезбедувањето на една социјализација согласно тековите на едно современо општество. Таму пред избори се редат тротоари без да се направи канализација. Потоа, треба да се раскопаат истите тротоари како би се ставила канализациона мрежа, за потоа повторно да се става тротоар“, рече Китев и ги повика кавадарчани да даделе подршка за реален развој и реконструкција на комплетната инфраструктура, подршка за домаќинско работење и изградбата на новото лице на Кавадарци./ А.Д
