Градско во недела го прославува Павловден – Балкански ѕвезди и македонска традиција на едно место

Општина Градско трета година по ред ќе го одбележи својот патрон, Павловден, со традиционалната манифестација „Храна, вино и традиција“, која ќе се одржи во недела, на 13 јули, со почеток во 20:30 часот на шеталиштето во центарот на општината.
Музичката програма ветува незаборавна вечер за сите посетители. Настанот ќе го отвори популарниот 4u Band, по што следува настапот на српската музичка ѕвезда Гоца Тржан од 21:30 до 23:00 а потоа од 00:30 бината ја превзема нејзиниот колега Џенан Лончаревич. Атмосферата ќе ја заокружат Bass Brothers со свој настап кој ќе трае до 02:00 часот.
Градоначалникот на Општина Градско, Киро Нацков, најави дека оваа година манифестацијата ќе биде збогатена со 10 штандови – винарии, гостилници и ресторани од регионот, кои ќе понудат автентична македонска кујна, традиционални специјалитети и врвни вина од локални производители.
Од општината ги покануваат сите граѓани, како и посетители од поширокиот регион, да бидат дел од празничната атмосфера и заедно да го прослават заштитникот на Градско – Павловден. Настанот е бесплатен и отворен за сите.
Стефани Манева


