ГРОМ во Кавадарци: На Тиквешкиот регион да му се вратат ускратените надлежности
На митингот на ГРОМ и коалиционите партии вечерва во Кавадарци, лидерот Стефчо Јакимовски побара мислење од граѓаните дали е чесно во време на светска економска криза тие да живеат во сиромаштија а Владата секоја година да има поголем буџет за 150 милиони денари.
Говорејки за малата група на граѓани кои се збогатија на сметка на својот народ Јакимовски ја прозва власта за која рече дека дозволила наместо чесните луѓе да се наполнат со пари лихварите, извршителите , нотарите. Наместо да отворат војна на криминалците, пред очите на десетте илјади полицајци во државата секојдневно се случуваат грабежи, тепачки и напади а обичните граѓани стравуваат за својата и безбедноста на децата, рече лидерот на Гром.
Јакимовски говореше и за нискиот стандард на граѓаните, негрижата на власта кон селаните кои се почесто се селат во градовите исто како и младите луѓе чија преселба секојдневно е надвор од границите на државата. Гром, рече Јакимовски, ќе се заложи за директна помош на домашните компании од чии извоз и нови производи ,отворање на нови пазари и пласман на производство зависи економскиот развој на државата. Тој вечерва го соопшти и ставот околу името на оваа партија.
-Замислете да се судите со комшија и да добиете пресуда на Врховен суд. И потоа некој да ви каже одете договорете се за проблемот. Ние имаме пресуда на меѓународниот суд во Хаг. Тој суд го има формирано меѓународната заедница и таа е должна да ги почитува одлуките на судот. Што бараме ние со преговори. Имаме пресуда и треба да ги прекинеме преговорите а меѓународната заедница да си бара чаре. Ние чарето го најдовме таму каде што цивилизирани држави разговараат. За што тоа ние преговараме кога имаме судска пресуда, рече Јакимовски.
Тој им вети на кавадарчани дека ќе го олеснат тешкиот живот на земјоделците со тоа што ќе барат укинување на водниот надоместок и данокот на доход, даноците за суровини и материјали, опрема и резервни делови, данокот за семенски материјал и ѓубрива, за нафта без акцици и ддв.
-Треба да ги помагаме и стимулираме постоечките претпријатија. Ако работи во една смена да отвори две а ако работат во две да отвори трета смена. Да им помагаме да отвараат нови пазари. Да воведуваат нови производи. Да се борат со конкуренцијата. Така ние ќе ја дигнеме економијата, рече Јакимовски.
Кандидатот за претседател професор Зоран Поповски ја побара довербата на кавадарчани за возврат нудејки им ја еднаквоста како опција за сите независно на пол, вера, етничка припадност и партиска книшка пракса што мора да се прекине во државата која единствено преку политичката припадност ги решава проблемите на граѓаните. Ќе бидам претседател на сите, вашиот мегафон, адвокат, нема да дозволам да ве малтретираат и уценуваат да гласате за нив за да ви ги решаваат проблемите, рече Поповски. Тој ги соопшти своите ставови околу решението на проблемот со името.
-Сакаме во Европска Унија но не по секоја цена. Името мора да си го сочуваме. Идентитетот мора да си го сочуваме. Не влегуваме во никакви компромиси. Не влегуваме во никакви референдуми. Но тоа не значи дека не сакаме во Европската Унија, рече Поповски. Побара доверба и обединување против единствениот непријател сиромаштијата.
-Ајде да им објавиме војна на сиромаштијата и невработеноста, побара Поповски.
Носителот на листа во четвртата изборна единица Панчо Минов на своите сограѓани им кажа дека ќе побара законска измена на територијалната организација во државата се со цел да го врати угледот на Тиквешкиот регион.
– Од даноците на граѓаните и фирмите во Кавадарци во државниот буџет на годишно ниво се слеваат 120 милиони евра. А државата преку развојни проекти ни враќа помеѓу еден и два милиони евра. Тоа мора да прекине, рече Минов.
Минов им вети на кавадарчани дека преку законски измени ќе бара враќање на надлежностите на судот, на обвинителството, полицијата, централниот регистер, подрачните единици на министерствата. Здравствениот дом а посебно болницата да прераснат во поликлиники за да не треба граѓаните да одат во Велес за прегледи, снимања и специјалистички иследувања. Како приоритети ги посочи и изградбата на агроберза и гасификацијата. Ги наброја и сите активности кои ќе ги преземат за подобрување на условите во земјоделството особено лозаровинарството. /А.Д