Димов: СДСМ со мерки за подобар средношколски и студентски стандарт како и за полесно вработување
Невработеноста кај младите во нашата држава изнесува над 50% и не прави неславни рекордери во регионот и во Европа а младите во Македонија најсилно ги почуствуваа погубните политики на актуелната власт . Според Славчо Димов, кандидат за пратеник на СДСМ во изборната единица број 3, загагрижувачки е фактот дека голем процент од невработените млади луѓе во државата се невработени повеќе од една година, што дополнително ги намалува шансите за нивно вработување.
„Како резултат на сето ова, во изминатите неколку години преку 230 000 првенствено млади луѓе ја напуштиле државата, а дури 75 % од младите се изјаснуваат дека ја гледаат својата иднина во некој друга држава. Студентскиот живот во Македонија е се потежок и се помизерен,“ рече Димов.
Тој ги соопшти мерките од Програмата на СДСМ со кои партијата предвидува подобрување на образованието, здравството, спортот, студентскиот живот и стандард со цел младите да дојдат што полесно до вработување.
„Наша приоритетна цел е младите да ја градат својата иднина во својата татковина. Идната влада на СДСМ ќе ги ослободи од плаќање на социјални придонеси сите работодавачи, кои ќе обезбедат прво вработување на млади лица до 29 годишна возраст во период од една година. Ќе го субвенционираме вработувањето на невработени млади лица на возраст до 29 години, со месечна финансиска поддршка за период од 6 месеци. Ќе го субвенционираме јавниот транспорт за сите невработени млади лица до 29 години, заради нивна поголема мобилност за активно барање на работа. Образованието е шанса која треба да ја добијат сите. Идната влада на СДСМ ќе го промени фокусот на образовниот процес,“ рече Димов.
СДСМ ветува укинување на екстерното тестирање, продолжување на евалуацијата, но без внесување на оценки во сведителствата како и рангирање на училиштата со натпросечни резултати што на учениците ќе им овозможи екстра бодови за упис во следната фаза на образованието.
Во партиската програма за студенти се планирани да се воведат нова политика за стипендирање, преку државни стипендии и фискални олеснувања за фирмите кои ќе одвојуваат процент од добивката за стипендирање, државна квота за бесплатно студирање за најдобрите матуранти, електронска картичка за секој студент со поволности како бесплатен јавен градски превоз и попуст за исхрана, концерти, театар, спортски настани и изградба на Студентски Град во Скопје, како што доликува на голем универзитетски центар.