Лага е дека полицијата во Лондон затворала вакцинални пунктови и апсела поради вакцинирање

Објавено на 28 јануари, 2022 во 10:48

Полицијата во Лондон за Ројтерс вели дека нема никаква кривична истрага за ковид-19 вакцините и дека ниту еден вакцинален центар не е затворен

Рецензираме пост на Фејсбук во кој се изнесува тврдење дека во Велика Британија, од 23 јануари 2022 година е издадена наводна наредба за заплена и стопирање на работата на сите ковид центри за вакцинација во државата. Во објавата исто така се тврди дека има 11 илјади докази за смртни случаи од вакцините и издадена е наредба за апсење на сите вклучени во ова „злодело против човештвото“.

Потенцирано е на полицијата дека тие работат за народот, а не за владата и дека ако го попречат ова, ќе одговараат. Владата ги контролира мдиумите и сите вклучени во овој геноцид ќе одговараат, се вели во постот.

Во склоп на објавата има видео материјал каде жена дава изјава во полициска станица, на англиски јазик и бара од полициски службеник да ѝ помогне да се затворат сите вакцинални пунктови под јурисдикција на таа полициска станица, бидејќи се предизвикани, како што вели самата, сериозни кривични дела од вакцинацијата. Таа во видеото од 10 минута и 13 секунда до 10 минута и 58 секунда вели дека има и референтен број 6029679-21 во Метрополитан полициска станица за истиот случај.

Всушност, целото видео е изјава на непозната жена во полициска станица во која таа пријавува на полициски службеник дека наводно со вакцинацијата се извршени сериозни кривични дела против човештвото меѓу кои наведува (од 3 минута и 22 секунда до 4 минута и 25 секунда во видеото) дека е сторена злоупотреба на службена положба, конспирација да се изврши сериозна штета по здравјето на луѓето, конспирација да се администрира супстанца за да се предизвика смрт и штета, убиство итн.

Меѓутоа, не е точно она што се тврди од страна на авторот на постот, дека е издадена наредба за заплена и забрана за работа на ковид центрите за вакцинација во Велика Британија, ниту дека е издадена наредба за апсење на сите вклучени во „ова злодело против човештвото“.

Полицијата во Лондонд за странски проверувачи на факти од Фулфект, вели дека е креиран број на пријава заради наводи за криминалитет во врска со британската програма за вакцинација, меѓутоа, не е покрената криминална истрага и досега не се пронајдени докази за криминал.

Портпаролот на полицијата изјавил дека на 20 декември 2021 година, поднесени биле  документи во полициска станица во западен Лондон, со наводи дека содржат докази за криминалитет поврзан со британската вакцинална програма.

Беше креиран референтен број и им беше даден на тие што се пожалија. Ова не е индикација дека се одвива некаква истрага или пак дека е извршено злосторство. Овој број само покажува дека некој поднел пријава и дека е примена и регистрирана. Полициските службеници се задолжени да ги прегледаат документите, што е долготраен процес бидејќи стигнуваат и нови. Досега нема ништо што е индикатор дека е сторен криминал или злосторство и не е покрената кривична истрагавелат оттаму за Фулфект.

Полицијата за Ројтерс вели дека нема никаква кривична истрага за ковид-19 вакцините и дека ниту еден вакцинален центар не е затворен. Портпаролот додал дека постоењето на број не значи по автоматизам дека постои истрага, ниту пак значи дека е сторено некакво кривично дело. Тој број значи дека полицијата примила пријава и тоа е се. Според процедурата, референтен број се издава за потоа да следи проценка дали треба да има истрага или не. Се разгледуваат информациите за да се одлучи дали е потребна идна истрага.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не се вистинити наводите изнесени во постот што го рецензираме, дека во Велика Британија е издадена наредба за заплена и стопирање на работата на сите ковид центри за вакцинација. Сите центри за вакцинација непречено работат. Исто така, нема 11 илјади докази за смртни случаи како што се тврди во текстот од постот, туку во видеото се споменуваат 1100 наводи за несакани реакции. Во ниту еден од наводите не е докажана причинско-последична реакција на вакцинацијата. Фактот што е одреден референтен број на одредена пријава од страна на полицијата, не значи ниту дека е покрената истрага, ниту дека се извршени кривични дела, ниту пак некој е уапсен или пак е издадена наредба за апсење, како што лажно тврди авторот во постот што го рецензираме.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.